Владата предводена СДСМ, тврди дека ќе го одржи дадениот збор пред тутунарите, односно обезбедува целосен откуп на вишокот произведен тутун.
Во таа насока, Владата претходно на седница донесе заклучок, со кој му укажува на Тутунскиот комбинат Прилеп да откупи дополнителни 700 тони тутун од вишокот од годишната реколта. Владата преку својот претставник во ова акционерско друштво, ќе иницира итна постапка за реализација на овој заклучок на собранието на акционери на Тутунски Комбинат Прилеп, а средствата ќе бидат обезбедни преку Ковид програмата.
Дополнително, Власта посочи дека околу 600 тони од годинешниот вишок на произведен тутун ќе бидат преземени од другите откупни компании во државата.
„Дека водиме максимална грижа за маката на секој тутунопроизводител, кажува и фактот дека Тутунскиот комбинат – Прилеп ја презема реализацијата на 785 договори од Далија табак – Делчево, за откуп на предвидените 455 тони, од причини што оваа компанија не ги обезбеди потребните средства за откуп на тутунот“, изјави денеска Миле Талевски, Пратеник во Собранието од СДСМ.
Опозицијата и денеска упати обвинувања на адреса на власта за проблемот со откупот на тутунот. Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека тутунот во Македонија остана неоткупен, а власта на Заев дозволува увоз на 1.600.000 килограми ориентален тутун.
„Илјадници килограми тутун останаа неоткупени, а оној што се откупи, е проценет по мизерни цени. Ако килограм тутун во редовниот откуп се откупуваше по цена како да се купува една кутија цигари сега во продолжениот рок се купува по цена од еден килограм спањак. Тутунарите останаа без пари, на раб на егзистенција. Главна причина за ниската откупна цена, и слабиот откуп е дозволата на власта да се увезува тутун во Македонија. Додека македонскиот тутун скапува, власта дозволи увоз на тутун, која е главната причина за страдањето на стотици илјади тутунари ширум Република Македонија. Според наши сознанија во Македонија во изминатиот период увезени се околу 1.600 000 килограми ориентален тутун“, рече Трипуновски.
Според опозициската партија, огромното количество увезен тутун е главната причина, пред се, за ниската откупна цена на домашниот тутун, но и за тутунот кој остана неоткупен. Трипуновски приложи документи за кои вели дека го долажуаавт увозот на ориентален тутун од Република Бугарија во Македонија. Од оваа фактура, рече Трипуновски, гледаме дека се работи за ориентален тутун кој е увезен од Република Бугарија и неговата крајна дестинација е Република Македонија.