ВМРО-ДПМНЕ: Сите мерки на мафијашката власт се дебакл

пред 3 години

Мерките и политиките на мафијата на власт доживуваат дебакл, оцени опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, последна во низата промашени мерки е мерката Викенд без ДДВ.

„Наместо најавуваниот поврат на ДДВ од 17 милиони евра ќе се реализира само 1 милион евра. Тоа покажува дека мерката не беше доволно добро обмислена и избрзана, но истовремено покажува дека народот нема доволно пари поради драстичниот пад на стандардот. Впрочем Македонија со оваа мафија на власт тоне од ден во ден. Поради промашените политики Македонија имаше рекорден пад на економијата во вториот квартал од 12,7%, бројот на невработени се зголеми за над 40 илјади нови лица, а долгот за само три месеци се зголеми за една милијарда евра“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицијата нагласува дека Македонија е црна точка, рекордер по смртност од коронавирусот, а ситуацијата е излезена од контрола.

„Процентот на заразени од тестирани во континуитет веќе извесен период е двоцифрен и вкупниот број на заразени достигна 21.193 лица и за жал 800 починати. Мафијата на власт на чело со Заев покажа колку е неспособна кога се работи за потребите и интересите на граѓаните, но истовремено организирана и агилна кога се работи за криминал, корупција и лично богатење“, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.

Share
Scroll to Top