ВМРО-ДПМНЕ: Состојбата со македонскиот филм-катастрофална

пред 3 години

После минатогодишното незаконско користење на логото на Министерството за култура, Агенцијата за филм повторно затскривајќи се зад сенката на Министерството за култура бара оправдување за катастрофалната состојба во македонскиот филм, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Тие оценуваат дека и покрај помпезните најави од Бојан Лазаревски, актуелниот директор на Агенцијата за филм, дека ќе обезбеди стабилен и одржлив развој на македонската кинематографија, за жал, македонските продуценти се соочуваат со сосема поинаква реалност во филмската дејност.

Поради ова, напоменуваат од опозициската партија, одговорност мора да постои, и истата ја бараат од актуелниот директор Бојан Лазаревски, но и од неговиот претходник Горјан Тозија.

Од ВМРО-ДПМНЕ упатуваат неколку барања до Владата и надлежните институции.

„Да направат увид во Годишните Конкурси за финансирање кои ги распишува Агенцијата за филм. Посебно, да дадат одговор зошто нема резултати од Конкурсот за финансирање на филмски проекти во вториот рок на одлучување за 2020 година, а истите согласно Законот за филмска дејност требаше да бидат објавени во октомври во тековната година. Но, и покрај фактот дека нема резултати за минатогодишниот Конкурс, распишан и во тек е Годишниот конкурс за филмски проекти за 2021 година“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата бaраат да се направи детален увид во финансиската состојба на Агенцијата за филм, да се изврши контрола и ревизија на извештаите од спроведените инспекциски надзори на Министерството култура кои се однесуваат на работењето на Агенцијата за филм, да се направи ревизија на наплатата на надоместоците од други правни лица, да се земат предвид укажувањата на Антикорупциската комисија за незаконското работење на Агенцијата за филм и начинот на распределба и трошење на буџетските средства.

Share
Scroll to Top