Петре Шилегов е човекот кој е најзаслужен за четиригодишната стагнација на Град Скопје. Скопјани речиси четири години не посведочија на ниту еден нов капитален проект од страна на Петре Шилегов, а тој се расфрла со народни пари и продолжува со недомаќинското работење, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„ Додека жителите на Маџир Маало во централното подрачје на Скопје во 21 век немаат канализација, Шилегов троши 500 евра за клупа од тропско дрво, иако клупа за иста намена чини речиси три пати помалку. Секој кој домаќински работи би платил толку за три клупи, но за Шилегов и оваа цена е одлична, а зошто знае само тој.
Покрај оваа фамозна набавка на клупи, треба да се напомене дека беа набавени и чешми во висина од 1500 евра по парче, што најверојатно се најскапите чешми кои биле некаде поставени во регионот. Шилегов треба најпрво да знае дека во неколку општини граѓаните немаат вода за пиење поради нарушената и исцрпена водоводна мрежа, која тој очигледно нема намера да ја ревитализира.
Во соработка со неговиот колега Богдановиќ координирано направија масовна сеча на дрва и зеленило низ цело Скопје, а последен случај беше соголувањето на ул. Орце Николов каде што не остана ниту едно од постојните стари дрва, по кои беше препознатлива ул. Орце Николов.
Откако ја изманипулираа јавноста дека отстранувањето на дрвата било неопходно, Шилегов набавил садници во висина од 9,5 милиони денари, што укажува на расипничкото и недомаќинско менаџирање со парите на скопјани.
Изминатиот период беа спроведени анкети во однос на локалните избори, на кои скопјани јасно го искажаа своето мислење за Петре Шилегов, а тоа е дека над 69% не се согласуваат со неговите расипнички политики и лошото менаџирање“ стои во партиското соопштение.