Дали Заев со министерот за внатрешни, обвинител и адвокат во скопски ресторан договарал заташкување на Рекет?! Со вакво прашање опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагира на коментарите од владејачкиот СДСМ дека опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски го брани приведениот бизнисмен, Орце Камчев.
Според ВМРО-ДПМНЕ, Социјалдемократскиот сојуз „ја ишка мувата од капата со случајот Орце Камчев“.
Оттука велат дека Орце Камчев е во затвор затоа што парите од рекетот на Камчев се кај Зоран и Вице Заев. Токму ова го кажа и прво осудениот за рекет Бојан Јовановски, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата го повика Заев да одговори дали е точно дека во еден ресторан на периферијата од Скопје, заедно со министерот за внатрешни работи, една обвинителка и адвокат договарале заташкување на случајот рекет и замолкнување на можниот сведок Орце Камчев.
„Дали е точно дека Заев јавно се заканувал со зборовите: ‘нема да се стигне до парите-па макар и владата да падне’? Дали Луј Витон торбата со рекетираните пари е токму на улицата “младинска” во Струмица каде што е семејната куќата на Заеви? Дали на тој состанок во скопскиот ресторан е токмен план како да се заобиколи правдата? Ќе извадите докази за ова, или да вадиме?“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.