ДИЖС: Единствено гориво што се користи како енергенс во БЕГ Топлификација е природен гас

пред 4 години

Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) соопшти дека е извршена проверка на резервоарите за мазут во Топлана Исток на Балкан енерџи (БЕГ), како и на начинот на постапување со отпадот, вклучително и со опасен отпад.

„ Надзорот имаше за цел проверка на информациите дека БЕГ резервирал големи количини мазут за целата грејна сезона од компанија на која претходно и бил запрен увоз на мазут во Хрватска заради несоодветен квалитет на горивото. Беше утврдено дека количината на мазут што БЕГ има обврска да ја набавува секоја година согласно Законот за енергетика е за 15-дневна потрошувачка. И покрај објавувањето на годишни јавни набавки, БЕГ не набавиле, односно, не користеле мазут од 2013 година, во која биле гасифицирани. Во резервоарите нема складирано мазут, односно единствено гориво што се користи како енергенс е природен гас. Извештаите за дневна потрошувачка на гориво од страна на БЕГ изработени од Регулаторна комисија за енергетика потврдуваат дека БЕГ не користи воопшто мазут како енергенс“ наведува инспекторатот.

ДИЖС додава дека доколку дојде до прекин на снабдување со гас во грејната сезона во 2021 година, тогаш со потенцијално користење на мазут ќе се емитираат големи количества на штетни гасови.

Инспекторатот потенцира дека е неопходно да се измени Законот за енергетика и нагласува дека наместо задолжувањето за набавка на мазут како алтернатива на гасот, да се бара воведување обновливи извори или други еколошки енергенси.

Share
Scroll to Top