Премиерот Димитар Ковачевски, денеска учествуваше на трибината по повод Денот на основањето на НАТО, 4 април, којашто се одржа во организација на Евроатлантскиот Совет на Република Северна Македонија.
Тој истакна дека земјава го слави овој ден, заедно со своите сојузници со посебна гордост и со полно право како 30. земја членка на алијансата.
„Од 27 март во 2020 година ние сме рамноправен дел од најмоќниот воен сојуз во светот изграден и заснован на највисоките цивилизациски демократски вредности. Нашата земја е фактор за стабилност и безбедност во регионот, во која граѓаните имаат сигурна иднина“, посочи премиерот.
Тој во обраќањето ја спомена и како што кажа, руската воена агресија во Украина, како неиспровоцирана и неоправдана, но и како сериозно кршење на меѓународното право и брутално загрозување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
„Повикавме Русија веднаш да ги прекине воените дејствија и да ги повлече сите воени трупи и капацитети од Украина. Ја поздравивме храбрата одбрана на граѓаните на Украина кои со голема храброст ја штитат својата слобода и суверенитет и нивното право слободно да ја избираат својата надворешнополитичка ориентација и безбедносни аранжмани.
Сојузниците како никогаш досега се единствени во одговорот на воената агресија на Русија во Украина.
Во овој контекст, Северна Македонија е подготвена да го преземе нашиот удел во овие напори и ние ја поддржуваме потребната долгорочна адаптација во таа насока.
Сите земји членки на НАТО се залагаат за итно стопирање на воената агресија, а преземањето активности за економската изолација на Русија ќе овозможи деескалација на воените активности.
Заедно со нашите сојузници во НАТО внимателно ги следиме и се спротивставуваме заеднички на хибридните закани кои имаат за цел да ги поткопаат угледот и довербата во НАТО и ЕУ во регионот на Западен Балкан. Ги следиме и се спротивставуваме и на операциите кои целат да предизвикаат безбедносна криза која ќе влијае на стабилноста и просперитетот и да создадат дилема околу стратешката улога на НАТО и ЕУ во регионот.
Процесот за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО Алијансата беше долг. Но сега, во време на воена криза од вакви размери, согледуваме колку е значајно да се биде земја чијашто безбедност се гарантира од страна на најголемиот безбедносен и одбранбен сојуз во светот“, истакна Ковачевски.
На трибината, на која со свои излагања учествуваа и министерката за одбрана Славица Петровска, претседателот на Евроатлантскиот Совет Исмет Рамадани и извршниот директот на Бизнис Клубот на Евроатлантскиот совет Свето Јаневски, преку видео врска се вклучија и амбасадорката на САД во државава, Кејт Мери Брнз и Кармен Ромеро, заменик-помошник генерален секретар за јавна дипломатија на НАТО.