Пратениците на Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов, денес 1 април, 2021 година, до претседателот на Собранието, поднесоа два амандмани на Предлогот на Закон за изменување и дополнување на Законот за попис на населението домаќинствата и становите во Република Македонија, 2021 година, којшто по скратена постапка беше поднесен од Владата, со цел пролонгирање на Пописот за месец септември.
Првиот амандман се однесува на Член 1, став (1), со кој се бара промена на зборовите „од 5 до 30 септември 2021 година“ со зборовите „1 до 21 април 2022 година“. Ова, имено беше и првичното барање на Левица откако ја започна својата кампања „Не отворам врата“.
„Амандманот го предлагаме со цел заштита на јавното здравје, предвидено како уставна должност на секој граѓанин, почитување на нормативната хиерархија и владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок, а во насока на почитување на препораките на Обединетите Нации – Департментот за статистика на ООН и Популациониот фонд на ОН“, велат од Левица.
Другиот амандман се однесува на Член 2 од Законот, којшто предлагаат да се замени со Членот: „(1) Со денот на влегување во сила на овој закон, престанува самопопишувањето на лицата – државјани на РМ, кои се на привремена работа, или престој во странство“; (2) Државниот завод за статистика е должен да ја отстрани од својот веб-сајт апликацијата за самопопишување на дијаспората“. Овој амандман го предлагаат со цел воедначување на применетата Методологија со препораките на Обединетите Нации и ЕУРОСТАТ.