Загриженост за приговорите на бугарската влада и силна поддршка на европскиот пат на Северна Македонија изразува либерално-демократската група „Обнова на Европа“ во Европскиот парламент.Според нив процесот на пристапување во ЕУ не треба да се користи од земјите-членки како моќ за добивање отстапки од соседите или за притисок за популистичка и националистичка агенда од домашни политички причини.
„Крајно време е да започнат разговорите за пристапни преговори меѓу Европската унија и Северна Македонија. Граѓаните на Северна Македонија чекаа доволно долго. Во име на Групата Обнова на Европа, го повикувам Советот да ги усвои рамките за преговори што е можно побрзо, а особено Бугарија да престане да блокира и да го одложува почетокот на пристапните разговори. Среде пандемија, за Северна Македонија е поважно од кога било да го забрза процесот на реформи што ќе доведе до толку потребниот социјален и економски развој“, рече Дачијан Чолош, претседателот на Групата за „Обнова на Европа“ пред видео-конференција на министрите за европски прашања, кои ќе разговараат за состојбата на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.
Европратеникот Илхан Ќучук од Движењето за права и слободи, кој воедно е известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, рече дека е многу е разочарувачки што Бугарија и Северна Македонија не можеа да најдат компромис и дека официјалниот почеток на пристапните преговори е блокиран.
„Тоа е безизлезна ситуација, која го поткопува целиот процес на евроинтеграција и не им служи на граѓаните на Северна Македонија. Бугарија и Северна Македонија се две многу блиски земји, кои делат заедничко минато и треба да делат заедничка иднина во ЕУ. Се разбира, дискусиите за историјата не се лесни и мора да продолжат со текот на времето, но главната одговорност ја имаат политичарите, кои мораат да покажат лидерство“, појасни тој.
Исто така, Либерал-демократите од Југоисточна Европа обединети во мрежата ЛИБСЕЕН и дадоа безрезервна поддршка на Македонија.
На вондредна седница на Управниот одбор на ЛИБСЕН (LIBSEEN – Liberal South East European Network) заедно со лидерот на Евролибералите АЛДЕ, Ханс ван Бален се разговараше за состојбите во регионот, секако и за македонските евроинтеграции. Од страна на сите учесници уште еднаш беше искажана безрезервна поддршка за процесот на
интеграција на земјава во ЕУ, а во исто време, беше изразен револт за најавеното вето за отпочнување на процесот од страна на Бугарија. Според сите учесници, бугарската влада не постапува во духот на добрите меѓународни односи и првенствено во интерес на нивните престојни парламентарни избори, пренесе претседателот на ЛДП, Горан Милевски.
„Дека треба да почнат пристапните преговори говореа и претставниците на сестринската бугарска либерално-демократска партија ДПС (Движењето за права и слободи), чии пратеници впрочем и не гласаа за последната резолуција на бугарскиот парламент со кои сесловенскиие просветители и нивото дело би се прогласиле за исклучиво бугарски“, дополни Милевски.