Македонија, Албанија и Грција ќе соработуваат за заштита на Преспанското Езеро

пред 3 години

Денеска се одржа првиот состанок на кој претставниците од високо ниво на трите држави: Северна Македонија, Албанија и Грција согласно Договорот за заштита и одржлив развој на Паркот Преспа се договараа за начинот на кој ќе соработуваат во заштитата на заедничкото природно наследство, Преспанското Езеро.

Почетен импулс на патот кон имплементација на Договорот, во своите обраќања дадоа министрите за животна средина на Република Северна Македонија Насер Нуредини, на Албанија, Бленди Коси и на Грција Костас Скрекас како и високиот претставник на Европската Комисија во РСМ, амбасадорот Дејвид Гир.

Министрите и амбасадорот изразија силна волја за решавање на прашањето со Преспанското Езеро и разговараа за следните чекори кои ќе бидат преземени од трите страни, односно за потребата од заедничка хидробиолошка студија, воспоставување на мониторинг систем, јакнење на капацитетите и развој на одржливо земјоделство и локален брендинг, како и развојот на алтернативниот и екотуризмот.

„Драго ми е што конечно успеавме, дури и во време на здравствени и економски предизвици, да ја отпочнеме заедничката работа на трите крајбрежни земји и да вложиме напори за подобрување на алармантната состојба со Преспанското Езеро. Знаеме дека состојбата е загрижувачка и бележи ваков тренд со децении, но знаеме и дека прашањето може да се реши само доколку сите работиме координирано и заедно кон целта. Климатските промени, силниот антропоген притисок, земјоделството, инвазивните видови, се само дел од заканите, но ова е моментот кога ние можеме да покажеме дека имаме волја да го зачуваме ова природно богатство не само за нас, туку и идните генерации“, рече министерот Нуредини на средбата.

Тројцата министри се согласија на брзо свикување на работните тела за разговарање на клучните прашања и на техничко ниво и конечно имплементирање на интегриран пристап, а амбасадорот Гир најави програма на ЕУ за Преспа во вредност од 18 милиони евра за Северна Македонија.

Договорот за заштита и одржлив развој на Паркот Преспа е потпишан на 2 февруари 2010 година, а стапи на сила на 29 мај минатата година. Трите земји членки, како и ЕУ како страна на договорот, ги номинираа своите членови во работните тела и ова е првиот состанок на високо ниво одржан за започнување на имплементацијата на Договорот.

Договорот опфаќа сегмент на високо ниво кој се одржа денеска, како и Преспа Парк Управувачки комитет и Работна група за води на техничко ниво, во кои учествуваат

претставници на стручно и техничко ниво од централната и локалната власт, како и граѓанскиот сектор

Share
Scroll to Top