Независниот кандидат и актуелен градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, кој неодамна беше исклучен од СДСМ, е во тесно водство во првиот круг на локалните избори.
Зад него е Оливер Илиевски од СДСМ, а на трето место е кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Михајловски.
Според обработени 99,88 отсто од гласовите, Димитриевски освои 15.151 глас или 32,82 отсто од излезените гласачи, Оливер Илиевски – 15.098 или 32,71 %, Тони Михајловски 8.567 или 18,56 %, Беким Салиу од Алијанса за Албанците – 4.254 гласа или 9.21 % и Теодора Димитровска од ЛДП/ДОМ 1.026 гласа или 2,22 %.
Димитриевски се заблагодари на сите кои му дале поддршка во првиот круг и најави победа во вториот круг.
„Граѓаните на Куманово победија! Тие секогаш знаат да го направат вистинскиот избор. Се заблагодарувам на сите кумановци кои ни дадоа поддршка. Се заблагодарувам и на сите оние кои не нѐ поддржаа во првиот круг, но ќе направам сѐ за да им го објаснам концептот #ЗаНашеКуманово, кој е концептот за сите граѓани. На 31-ви октомври Градскиот плоштад ќе биде преполн со народ. На 31-ви октомври да издвојуваме уште една голема победа!“, напиша Димитриевски на „Фејсбук“.
И од СДСМ најавија победа во вториот круг.
„Согласно последните официјални резултати на Државната изборна Комисија, од 167 избирачки места во Куманово СДСМ и коалицијата се победници со советничката листа и во водство за градоначалник. Советничката листа на СДСМ и коалицијата е победник во Куманово со освоени најмногу гласови, односно 11.688. Во однос на кандидатите за градоначалник, резултатите се скоро изедначени, со тоа што Оливер Илиевски кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово има 15.098. Гласови на коалициониот партнер ЛДП го ставаат Илиевски на водечка позиција за победа во втор круг“, велат од СДСМ.