Немало кражба на електрична енергија во подрумите на Градскиот трговски центар, утврди полицијата откако попладнево добила пријава дека се копаат криптовалути. Претставници на ЕВН и одговорни лица од ГТЦ биле повикани за да се направат проверки. Тие посочиле дека нема кражба, а со тоа, полицијата констатирала дека нема сторено кривично дело од ничија сстрана.
„Денеска во 14.45 часот во СВР Скопје А.М. пријавил дека во магацините на ГТЦ “имало поставено машини за копање крипто валути” односно дека заради наводна интернет трговија со крипто валути, извесни лица извршиле кражба на електрична енергија, со цел да го опслужат неопходниот капацитет на нивните компјутерски машини неопходни за трговија со крипто валути. Полициски службеници веднаш излегоа на лице место согласно пријавата, извршија разговори со одговорни лица на ГТЦ и со претставници од ЕВН, при што утврдија дека за броилата, кои се во приватна сопственост, не е утврдена било каква кражба на електрична енергија, по што е утврдено дека не постојат елементи за сторено кривично дело, казниво согласно Кривичниот законик“, велат од МВР.
Оттаму додаваат, дека на истата локација, по пријава за сторено исто дело, било постапувано пред три месеци. И тогаш, како и сега, немало констатирано дека има кражба на електрична енергија преку копање на криптовалути.
„ Имено, копањето на крипто валути не претставува кривично дело предвидено во кривичниот законик на РСМ“, додаваат од МВР.