Да немаше идентитетски барања за повторно редефинирање на македонскиот народен идентитет и јазик немаше ниту да има блокада од страна на Бугарија, изјави Владо Мисајловски од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција.
Како што истакна блокадата е заради јасно дефинирање на барање на Бугарија во нивната државна надворешна политика, утврдена во нивното Собрание. По логиката на Заев, вели Мисајловски, Бугарија смее и треба да има своја државна резолуција за Македонија, а Македонија не смее и не треба да има државна резолуција за нашата Македонија.
„Собранието е највисок државен орган кој единствено го има правото да ги утврди насоките во надворешната политика. Бегањето од јавноста во утврдување на националните и државни позиции и бегањето од Собранието, јасно зборува за спремноста на Зоран Заев да нуди, да тргува и да отстапува токму за она што го бара Бугарија. Секојдневни станаа изјавите, барањата и позициите на Бугарија кои навлегуваат во континуитетот, засебноста и сувереноста на македонскиот етнички и јазичен идентитет“, изјави Мисајловски.
Тој образложи дека резолуцијата што ВМРО-ДПМНЕ ја нуди, е одговор на блокадата, одговор на негирањата и одговор на лошите политики кон Македонија. Не станува збор за авторски текст на ВМРО-ДПМНЕ, туку за документ за кој веќе постои највисок научен и општествен консензус.
„Штом МАНУ, УКИМ и МПЦ-ОА се нашле повикани да обзнанат свој став за македонскиот јазик и идентитет, тоа го направиле зошто сигурно чувствувале дека е загрозен идентитетот. И ние и граѓаните и јавноста веруваме во потребата да се донесе национална позиција, токму каква што виделе овие три највисоки научни и општествени фактори. Секоја сериозна држава поставува граница на сопствената надворешна политика и сопствените црвени линии. Бугарија тоа го има, но Македонија го нема. Зборот и ветувањата на Заев, простете, но не вредат ниту тронка“, додаде Мисајловски.