Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при денешната изјава од Кавадарци одговарајќи на новинарско прашање во однос на вчерашниот отчет за сработеното на општинско ниво, истакна дека и покрај тешката и предизвикувачка година, покрај енергетската и економската криза, дотациите кон општините се намалени.
„Па погледајте ги трансферите и дотациите кои оваа власт ги прави во изминативе четири години пред оваа 2022 година ќе видите дека секоја година започнувајќи од 2018, 2019 следствено 2020, 2021 имаме зголемување на дотациите, дури и во една година тие се 34 милиони евра поголеми од претходната година. Но тогаш нели мнозинството градоначалници беа од редовите на СДСМ, и тогаш тие ценеа дека треба дотациите да бидат поголеми. Но ако ја споредите бројката 2021 и 2022 и покрај тоа што буџетот е зголемен, екстремно зголемен, арачот на народот и на бизнисот екстра зголемен, дотациите се намалени од 316 на 312 милиони евра, кон општините и покрај тоа што знаеја дека имаме енергетска криза, покрај тоа што знаеја дека имаме економска криза, и покрај тоа што знаеја дека ова ќе биде една навистина тешка и предизвикувачка година“, истакна Мицкоски.
Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и власта не водат грижа за граѓаните.
„Дајте да седнеме и да зборуваме за иднината немојте да бидете заглавени во минатото, поделбите завршија, ние сакаме да рефлектираме една енергија на обединување кога станува збор за националните интереси, ние може да се разликуваме во економските, образовните, здравствените, земјоделските политики, да, тука се разликуваме, но кога станува збор за националниот интерес, еднаш очекуваме од СДСМ да застане и да ги поддржи политиките на обединување. Прв чекор еве нудиме подадена рака, поддржете ја декларација за титанот, за великанот Ѓорѓи Делчев, човекот кој што треба да нè обедини“, нагласи Мицкоски.