Мицкоски: Заев и стратезите на СДСМ да прецизираат кој е зло во државата

пред 3 години

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека премиерот Заев најави обединување против злото, и дали може да се очекува дека ќе има зголемени закани, поткуп, и уцени во пресрет на вториот круг истакна дека стратезите за комуникации на СДСМ треба да прецизираат кон кого е наменета изјавата и кој е зло во државата.

„Навистина не знам најпрвин дефиницијата за зло кон кога е наменета и кој е зло во државава, треба претпоставувам да биде таа метафора малку појасна за да не ги збуни гласачите кои што сакаат да гласаат за СДСМ, бидејќи вака се збунети и не знаат кој е зло во државата, јас нема да преудицирам и да ги читам мислите на стратезите за комуникација со јавноста на СДСМ, но нив ќе ги прашате најпрвин кој е злото во државата, да излезат со јасен став, вака делува збунувачки за граѓаните. Дали имало поткуп и нерегуларности ние кажавме бројни поткупи, бројни нерегуларности, притисоци, закани, уцени, но во најголем дел од општините тие не успеаја бидејќи народот излезе и народот гласаше против оваа регресивна политика во изминатиот период, против криминалот, корупцијата, поразите во здравството образованието, политичарите кои што буквално со својата надменост создаваа еден вид фрустрација и ги иритираа граѓаните“, нагласи Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, истакна и дека големата поддршка во првиот круг го обврзува и него како човек и тие кои се избрани да работаат за граѓаните и не смеат да го разочараат народот.

„Ние имаме голема обврска, оваква поддршка уште во првиот круг за опозицијата е историски незапаметена, 22 градоначалника во првиот круг со огромна шанса таа бројка да достигне и до 50. Ова обврзува, и мене како човек и тие кои што се избрани и не смееме овој пат да го разочараме народот. Без разлика каква е стратешката комуникација на СДСМ и на нив и на народот им е јасно дека и вториот круг за нив нема да биде онака како што тие го очекуваат. Ние веќе размислуваме за денот потоа. Ние веќе размислуваме за следната цел а тоа е да направиме од Македонија она што го зборувам, пристојно место за живеење, ние го почнуваме проектот обнова на Македонија и тоа е сега веќе нашата цел, јас сум свесен за тоа што го чека нашиот политички противник, внатре во нивната структура веднаш после овие избори, но верувајте, нашата концентрација е целосно концентрирана на денот после 31 октомври. Мораме на народот да му ја вратиме вербата. Мораме народот да го охрабриме, народот ни е обесхрабрен и разочаран, мораме да го убедиме народот дека можело и поинаку и дека можело да се работи за народот. Одговорот на избори за поткуп, притисоци, закани, уцени е само со масовна излезност“, заклучи Мицкоски.

Share
Scroll to Top