Денес видовме прес конференција која треба да влезе во учебниците за тоа како изгледаат лажните вести. Или народски да се изјаснам „млатење празна слама“. Ова се најлошите 100 дена на било која влада досега, од која што може да се запаметат само загуби. 100 дена Влада на постојани загуби, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„ За само 100 дена добивме вето на патот кон ЕУ. Влеговме во економска рецесија, пропадна банка, втор ТАТ, афера тешка 200 милиони евра, поскапе електричната енергија за домаќинствата, за жал 1.400 наши сограѓани во овие 100 дена го загубија својот живот од пандемијата поради акутната неспособност во здравството, и повеќе од 2.000 од денеска.
Во Македонија се умира поради тоа што здравствениот систем е отруен од инфицирачка неспособност да се менаџира со него.
Заслуга на Владата е на првото место за криминал во Европа. Зачудувачки и запрепастувачки криминал. И не мора јас да ви кажувам колку се лоши овие 100 дена. Секој од вас нека си го постави прашањето кој проект или мерка изградија и завршија Зоран Заев со која направи вие да живеете подобро. Одговорот е јасен, нема такви.
Гледам дека им пречи што критикуваме во првите 100 дена. Велат немаме мирни 100 дена. Но треба да се знае дека ова не е нова Влада. Туку Заев ни одзема речиси четири години од нашите животи со најлошите 100 дена. А, од сите нас, од сите вас зависи колку ќе му дадеме можност да продолжиме да губиме.
Таква голема загуба е и ветото од кај нашиот Источен сосед, паднаа во вода сите лаги на власта дека Зоран Заев ќе обезбедел европска, достоинствена иднина. Но она што е загрижувачки е што постои хазадерската игра на Зоран Заев со идентитетот, историјата, јазикот. Човекот игра и губи со нашите вредности и обележја. Внимавајте он игра со „all in“ со вас и вашите животи. Војува и губи со туѓи синови. Но не ни треба доказ дека ќе ги стави на маса идентитетските обележја туку едноставно е доволно човек да остане фокусиран 30-тина минути и да го проследи она интервју кое што го даде за медиум од кај нашиот Источен сосед.
Но она што е загрижувачки е што продолжува со коцкањето. Го избра за специјален претставник својот еквивалент Владо Бучковски. Од медиумите дознавме дека на бугарската страна било понудено решение вклучено и содржано во еден „нон пејпар“ документ. Досега во јавноста таквиот документ не се објави и покрај тоа што треба да му веруваме на Зоран Заев и Бучковски дека дал гаранција дека немаме територијални претензии, нешто што државава го прави по трет и веќе станува понижувачки. Ние немаме информации што содржи понудата на Заев и неговиот „нон пејпар“.
А, ценејќи според дарежливоста на Заев за коцкање со туѓите интереси можеме само да замислиме што се содржи овој документ.
Втората работа што е исто така значајна, Зоран Заев призна дека бугарскиот премиер лобирал за решавање на македонско-грчкиот спор. И оттука не слушнавме никаква ама буквално никаква реакција од кај нашиот источен сосед дали ова е точно или дали ова претставува флагрантно мешање во внатрешните работи на туѓа држава. Значи за македонскиот премиер не е пречка што друг премиер се вклучува во внатрешните работи на други земји. Но, проблем е што опозицијата и сите релевантни фактори во земјата се држат настрана кога станува збор за спорот со Бугарија.
Да потсетам Зоран Заев не смета дека е потребно дури на лидерска средба да објасни што и како преговарал, а на маса идентитетот директно. Самите историчари од Бугарија признаа дека се разговарало за придавката македонски.
Трето, пред три дена соопштив дека Бојко Борисов директно ми призна дека Зоран Заев му ветувал дека многу работи само да дојде до премиерското место. Од страна на власта молк. Од страна на Зоран Заев молк. Затоа она што можеме да го забележиме изминативе неколку дена е аквизицијата на компанијата која што е инвеститор во рудникот „Иловица“, се сеќавате оној истиот рудник „Иловица“ на кој што Зоран Заев им ветуваше на жителите таму дека нема шанси да биде рестартиран или отворен.
Имаме премиер со концeсии. Најважно е која е алтернативата која ја нудат откако државата ја внесоа во слепа улица. Но, внимавајте. Алтернатива со сочувани достоинство, чест, честитост, идентитет и гордост. Кој е нивниот план да ја развиваат Македонија или ќе се помират со тоа да останеме во чекалницата? Македонија заслужува европска иднина, а не години поминати во чекање.
Изгубивме многу и продолжуваме да губиме.
Заев и Димитров се тандемот кој ветуваа европска иднина. Распродадоа се што можеше да се распродаде овие 4 години од гордоста и она малку што остана сакаат и тргуваат со него, а всушност гледаме дека не доведоа до ќорсокак.
За ова мора да се понесе одговорност. Имаме повеќе чекори кои ќе водат кон рушење на владата која е без легитимитет. Но, првиот ќе биде поднесување на интерпелација за Димитров во Собранието. Има да одговорат на прашањата кои целата јавност ги поставува. Доста е за загубите кои се колективни поради нивната неспособност“ рече Мицкоски.