Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го коментираше поскапувањето на електричната енергија кое денеска го објави Регулаторната комисија за енергетика. Според Мицкоски состојбата ќе биде хаотична и освен покачувањето на струјата се укинува и евтината тарифа во текот на денот.
„Oд тоа што слушаме ќе се укинува евтината тарифа преку ден, едно од изборните ветувања на власта од изборите во 2017-та година, кое што ќе ја зголеми 5-7% цената на електричната енергија. Дополнително најавуваат поскапување од 9,5-10%, што би значело некаде околу 15-тина проценти во нето вредност би требало да се покачи електричната енергија, според тие јавувања што ги слушнеме од Владата“, рече Мицкоски.
Тој изрази стравување за финансиската состојба на енергетските компании кои најавуваат банкрот.
„Дополнително компаниите кои на слободен пазар набавуваат електрична енергија плаќаат 4 пати поскапо, а владата нема слух за помош кон нив, така што има една тотално хаотична ситуација“, дополни Мицкоски.
Тој потсети дека кога ВМРО-ДПМНЕ протестираше за цената на струјата пред неколку години беа исмејувани, но сега се видело дека не била ниту за исмејување ниту за навредување, бидејќи денес удира директно по џебот и стандардот на граѓаните во очи на празниците.