На Табановце средба на директорите на царините на Македонија, Грција, Србија, Цефта и Транспортната заедница

пред 3 години

Претставниците на царинските управи на Грција, Северна Македонија и Србија денеска имаа средба на која разговараа за потенцијалот на SEED –клучниот систем за имплементирање на зелените коридори.

Константинос Муртидис, генерален директор на грчката Царинска и акцизна управа, Славица Кутиров, директорка на Царинската управа на Република Северна Македонија и Душко Маринковиќ, в.д. заменик-директор на српската Царинска управа се сретнаа на граничниот премин Прешево-Табановце на која заеднички го дискутираа потенцијалот на систематската електронска размена на податоци (SEED) која функционира во Западен Балкан. Иницијатори на оваа посета се Транспортната заедница и Секретаријатот на ЦЕФТА.

Учеството на Грција е од огромна важност бидејќи претставува огромен чекор напред во заедничките напори и визијата за унапредување на транспортот и трговијата меѓу Грција и членките на ЦЕФТА договорот. Се очекува оваа средба да доведе до подинамична соработка за воспоставување на Зелените коридори, што би донело економски придобивки како за ЕУ, така и за ЦЕФТА, оценуваат учесниците.

Константинос Муртидис, генерален директор на Царинската управа при Независната канцеларија за јавни приходи на Грција, ја нагласи конструктивната соработка на сите вклучени страни во иницијативата Зелени коридори. Особено пилот-имплементацијата на граничниот премин Евзони-Богородица е важна и подобрена форма на соработка меѓу двете царински управи (Грција и Северна Македонија). Размената на податоци меѓу царинските служби за движењето на стоките пред пристигнувањето на границата, заедно со потребната инфраструктура, е суштински елемент на оваа иницијатива за да се овозможи побрзо движење на клучните стоки за поширокиот ЦЕФТA регион и соседните земји-членки на ЕУ, е нагласено во писмената информација.

Директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА, Емир Џикиќ, вели дека СЕЕД + е еден од главните приоритети на ЦЕФТА, кој покрај размената на податоци меѓу царинските управи, ќе ги вклучи и сите агенции кои се занимаваат со царинење на стоки, а се планира да се прошири и на трговијата со услуги. Освен тоа ќе има позитивно влијание врз трговските текови, како што е предвидено во Акцискиот план за Заеднички регионален пазар. Средбата со Константинос Муртидис и претставниците на грчката Царинска управа е важен чекор за приближување на членките на ЦЕФТА кон ЕУ и ширење на добри практики, како што се Зелените коридори/ ленти, не само во рамките на ЦЕФТА, каде од почетокот на пандемијата приближно 2 милиони камиони ја имаат искористено оваа иницијатива, туку и на граничните премини кон ЕУ.

Славица Кутиров, директорка на Царинската управа на Северна Македонија, вели дека брзиот проток на стоки е приоритет на Царинската управа на Северна Македонија како најдобро средство за зајакнување на трговијата и подобрување на соработката меѓу членките на ЦЕФТА. Северна Македонија, Грција и Србија се соседни земји кои покриваат поголем дел од Коридорот 10. Зелените коридори се покажаа како одличен начин за подобрување на движењето на стоки меѓу Србија и Северна Македонија, а SEED послужил како одлична алатка за споделување на информациите меѓу царинските управи и останатите агенции. Нашата желба е да ги прошириме овие коридори кон Грција и на тој начин да ја унапредиме одличната соработка, истакнала таа.

„Жителите на Западен Балкан предолго чекаат на границите, особено на границите со ЕУ. Продолжуваме да ги поддржуваме регионалните партнери во нивните напори за проширување на концептот на Зелени коридори до Грција и другите земји-членки на ЕУ. Воспоставувањето на функционален Зелен коридор на граничниот премин Табановце-Прешево го скрати времето на чекање и го забрза извозот, увозот и транзитот на стоки. Северна Македонија и Србија се првите регионални партнери од Западен Балкан кои воспоставија заеднички гранични контроли и обезбедија заеднички гранични и царински формалности. Доколку се примени на границите со земјите-членки на ЕУ, овој концепт ќе биде подеднакво успешен“, изјави Матеј Закоњшек, директор на Секретаријатот на Транспортната заедница.

Share
Scroll to Top