Обвинение за единаесет лица за криумчарење мигранти

пред 3 години

По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд – Скопје достави обвинение против 11 лица за криумчарење мигранти.

Во периодот од декември 2019 година до октомври 2020 година, со умисла и од користољубие, обвинетите М.С.(49) и неговиот син С.С.(23), заедно со обвинетиот А.М.(47) и А.А. кој е недостапен на органите на прогонот, организирале група за вршење кривично дело – Криумчарење мигранти.

Припадници на групата станале обвинетите Б.Ј.(23), М.М.(21), Д.С.(29), Т.М.(36), Ф.А.(26) и Д.Љ.(50) кои ги прифаќале и превезувале мигрантите, како и Т.К-Ц (53) и Ј.К.(23) кои остварувале чести контакти со обвинетите М.С. и С.С. во врска со извршување на кривичното дело криумчарење мигранти.

Воедно, авто-сервисот во кој бил вработен обвинетиот Ј.К. бил користен за сервисирање на моторните возила со кои организираната група ги криумчарела мигрантите.

Групата за меѓусебна комуникација користела телефонски апликации на мобилни телефонски броеви од македонски и грчки мобилни оператори преку кои го договарале пренесувањето на мигрантите од Грција во Македонија.

Дејствијата ги извршувале преку илегалните премини на т.н. „зелена граница“ во околината на Гевгелија и Дојран, каде мигрантите од претходно утврдени и договорени локации со возила ги превезувале до претходно извидени и договорени локации во кумановско-липковскиот регион. Таму, илегалните мигранти во организација на обвинетиот А.М. биле прифаќани, засолнувани и времено сместувани во објекти на неидентификувани лица, соработници и помагачи на организираната група, а потоа криумчарени преку територијата на  Србија кон државите на ЕУ.

Заради начинот и мотивот на извршување на кривичното дело особено околноста што ова кривично дело има меѓународен елемент во извршувањето и поврзаност на извршители од повеќе земји, обвинителството достави и посебен предлог со кој се предлага продолжување на мерката притвор за обвинетите М.С., С.С., М.М., Д.С., Д.Љ. и А.М. и мерката куќен притвор за Т.К-Ц., Ј.К., Т.М. и Ф.А. За обвинетиот Б.Ј. мерката притвор за кривично дело – криумчарење мигранти е претходно определена.​

Share
Scroll to Top