Обвинителството дало позитивно мислење за ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, да излезе од притвор во затворот во Шуто Оризари бидејќи смета дека понудената гаранција е доволна за тој да не избега.
Мијалков е во истражниот затвор Скопје од 23 февруари, кога по неколкудневно мистериозно исчезнување се појави пред обвинителството да го подигне решението за притвор.
„Обвинителството, ценејќи ги околностите и имајќи ги предвид наводите во предлогот и дополненијата за укинување на мерката притвор и нејзина замена со мерка гаранција, ценеше дека висината на понудената гаранција во доставените предлози, во вкупен износ од 10.871.170 евра е прифатлива за обезбедување на присуство на обвинетиот до правосилноста на пресудата“, велат од Обвинителството.
Мијалков издржува мерка притвор за случајот „Трезор“. Таа мерка, согласно претходното решение на судот, е до правосилност на пресудата, но сега судот треба да одлучи дали ќе ја прифати гаранцијата.
Во изминатиов период додека е во притвор Мијалков, за него беа донесени две првостепени пресуди. За предметот „Таргет Тврдина“, кој се однесува на незаконскато масовно прислушување, доби 12-годишна затворска казна, додека за случајот „Трезор“, кој се однеусва на нелегална набавка на софтвер за следење на комуникации, судот му одреди 8 години затвор.
Против него се водат постапки и за други случаи.
Инаку, засега се уште нема детали од Обвинителството за предистрагата поврзана со бегството на Мијалков, што се случи пред изрекувањето на пресудата за „Таргет и Тврдина“. Тогаш тој исчезна на 48 часа, по што самиот се појави и тврдеше дека бил болен.