Олеснување на вложувањето во хартии од вредност во странство, по седницата на Советот на НБРМ

пред 4 години

На редовна седница на Советот на Народна банка беше усвоена Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за начинот и условите под кои резидентите коишто не се овластени банки, можат да отвораат и да имаат сметки во странство.

Со донесените измени и дополнувања се прошируваат можностите за отворање и поседување на сметка во странство од страна на резидентите за потребите на трансакции со хартии од вредност во странство. Поконкретно, со предложените измени и дополнувања, покрај во странска банка, резидентите можат да имаат сметка и кај овластен учесник на странска берза или на организиран пазар на хартии од вредност, кај платежни институции или институции за електронски пари во странство заради комерцијални цели, но и за тргување со хартии од вредност ако истовремено се и овластени учесници на странска берза или на организиран пазар на хартии од вредност, потенцираат од Народна банка.

Во писмениот допис стои дека Советот на Народната банка ја усвоил изменетата и дополнета Одлука за доставување и објавување податоци за извршените активности во платниот промет. Со оваа одлука, кко што се појаснува, Народна банка го проширува сетот податоци од доменот на платежната статистика што и досега се прибираа и коишто се во значителна мера усогласени со стандардите и барањата на платежната статистика на Европската централна банка и Банката за меѓународни порамнувања.

„Со цел обезбедување подетални податоци за развојот на дигитализацијата на банкарскиот сектор во земјата, Народната банка ќе започне со прибирање годишни податоци поврзани со дигиталната трансформација на платежните услуги и финансиската вклученост на населението во користењето на дигиталните канали за извршување плаќања. Прибирањето податоци од оваа сфера ќе ја зајакне информативната основа за формулирање на политиките за развој на платежните услуги и платните системи во рамките на Народната банка, за дефинирање стратегиски насоки за развој на националниот платен систем во рамките на надлежностите на Националниот совет за платни системи, како и пошироко, за сите засегнати страни во целокупниот финансиски систем во земјата преку зголемување на нивото на транспарентност со објавувањето на овие податоци“, велат од НБРМ.

Дообјаснуваат дека најголемиот дел од новите податоци ќе бидат објавени на интернет-страницата на Народната банка на годишна основа, со што ќе се придонесе за зголемување на транспарентноста во однос на степенот на дигитализацијата во платежната сфера на нашата земја.

Share
Scroll to Top