Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски, министерката за култура, Ирена Стефоска, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, и претседателот на Советот на Општината, Дарио Шимиќ, денеска во Драчево го отворија Домот на културата.
„Во новиот објект, жителите од селото и населбата Драчево, а и сите граѓани од Скопје и од државата, во Домот на културата/во киното, ќе имаат можност во современи услови да следат филмови и театарски претстави, да прават промоции на книги и изложби на уметнички дела, да организираат и да следат културни манифестации, да организираат саем на книгата и сл“, соопштија од Општина Кисела Вода.
Во Домот на културата ќе биде сместена подрачна канцеларија на Управата за водење на матични книги, ќе се вадат изводи и државјанства, а ќе се склучуваат и бракови.
Во објектот обезбеден е и простор за најстарото културно уметничко друштво „Китка“ од Драчево, а во него се наоѓа и канцеларијата на месната заедница од селото Драчево, која за потребите на граѓаните, од следната седмица, поточно од понеделник ќе биде во функција.
Вкупната површина на објектот е 1.185 квадратни метри и истиот има 171 седиште.
Изградбата на Домот на културата, Општината ја чинеше 39.923.725 денари. Дел од средствата беа обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.