Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, кои околу пладне поинтензивни ќе бидат на запад, а во вечерните часови ќе се интензивираат на исток (каде локално ќе наврнат дополнителни 20 л/м2 дожд за 24 часа), информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Во јужните делови, каде се очекуваат сончеви периоди, ќе има услови за нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 11 до 17 Целзиусови степени.
Во Скопје претежно облачно со повремени врнежи од дожд, поинтензивни попладне. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне 15 степени.
Во вторник попладне и среда претпладне ќе има престанок на врнежите и повеќе сончеви периоди. Пообилни врнежи од дожд повторно ќе има во четврток, кога поради заладување, на планините на северозапад ќе врне снег. Од вторник повремено ќе дува засилен северен ветер.