Продолжува изградбата на комплексот Diamond во центарот на Скопје, инвестиција вредна над 250 милиони евра

пред 3 години

И покрај многуте предизвици што ги наметна Ковид-кризата, подземниот булевар во центарот на Скопје, кој е дел од мултифункционалниот комплекс „Diamond of Skopje“, се гради интензивно.

Овој подземен булевар што го гради Лимак Скопје, ќе има по две сообраќајни ленти во обете насоки, а меѓу нив ќе биде предвиден и простор за две трамвајски линии. Булеварот ќе поминува низ подземен тунел долг 800 метри и широк 37 метри, кој на почетокот и на крајот ќе има кружни текови чија изградба е во надлежност на Град Скопје.

Инаку, во моментов, токму во делот на изградба на подземниот булевар се врши ископ со длабочина од 14 метри и се поставуваат едни од најголемите потпорни ѕидови во земјата, кои се комбинација на т.н. дијафрагма-ѕидови и столбови.

Паралелно со оваа подземна сообраќајница, која ќе биде прва и засега единствена од ваков вид во земјата, продолжува и изградбата на останатите елементи што ќе го сочинуваат комплексот „Diamond of Skopje“, кој по сите свои карактеристики ќе претставува ново уникатно, современо и урбано обележје на Скопје. Па така, во тек е поставувањето на фундаментот од 22 метри, како и бетонска темелна плоча со дебелина од два метри, на која ќе биде изграден резиденцијалниот дел на комплексот што ќе го сочинуваат четири згради со вкупно 772 станови за домување и 24 единици за канцелариски простор. Првите станари во резиденцијалниот дел од комплексот се очекуваат во 2022 година.

Во рамки на комплексот ќе има и затворен паркинг простор за 3.200 возила, како и околу 11.000 метри квадратни зелена површина, што претставува втор по големина зелен појас во Скопје, веднаш по градскиот парк. Од целиот комплекс, засега е целосно завршен и опремен хотелот со пет ѕвезди „Лимак Скопје Хотел“, кој наскоро се очекува да ги пречека и првите гости.

Вкупната инвестиција за изградба на целиот комплекс, вклучително и на подземниот булевар, се проценува на околу 250 милиони евра. Деновиве, инвеститорот на комплексот – Групацијата Лимак од Турција, како што информираат оттаму, успеала да ја заокружи целокупната финансиска конструкција, со што се исполнети сите услови за непречена реализација на целокупниот проект во предвидените рокови. Конкретно, потпишани се договори со пет реномирани банки: Халк банка од Скопје, Japi Kredi Bank и Demir-Halk Bank од Холандија, Halkbank од Белград, Србија и ICBC банка од Турција.

Лимак е интернационална компанија, во која работат 60.000 вработени во градежништво, енергетика, туризам, инфраструктура и други дејности. Во портфолиото на Лимак спаѓаат и светски познати мега проекти, како што е новиот аеродром во Истанбул, мостот Чанак кале 1915 и новиот терминал на меѓународниот аеродром во Кувајт чија вредност е 4,3 милијарди долари и претставува најголемиот договор што е доделен на странска градежна компанија во оваа земја. Во моментов Лимак е ангажиран на проекти во повеќе земји од светот со вкупна вредност од над 10 милијарди долари. Оваа година компанијата е рангирана на 61 место на листата од 250 најдобри градежни компании во светот, што е искачување за шест места во однос на минатогодишното рангирање што го прави ЕНР – Engineering News Records.

(ПР текст)

Share
Scroll to Top