Со несмален интензитет продолжуваме со подобрување на сите технички и градежни стандарди во МВР како базичен предуслов за нормално и ефикасно работење на полициските службеници, истакна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски при неговата денешна посета на јужниот регион, граничниот премин Стар Дојран и полициското одделение Дојран, на која присуствуваше и градоначалникот на општина Дојран, Анго Ангов.
Таму беше извршен увид во реконструираното полициско одделение, при што министерот посочи дека за релативно краток период биле завршени сите предвидени градежни зафати.
„На овој објект целосно е санирана кровната конструкција, со сета потребна инфраструктура, а од аспект на енергетска одржливост и ефикасност изработена е нова термоизолациона фасада со акрилен завршеток на целиот објект и инсталирано е ново парно греење. Покрај ова, целосно е заменета електричната инсталација, санирани и обновени се санитарните јазли, а извршени се и низа други градежни работи надворешно и внатрешно во самиот објект“, потенцираше Спасовски.
Тој истакна дека за овие три и пол години се реконструирани 54 објекти, додека во моментов интензивно се работи на реконструкција и санација на четири објекти: Секторот за внатрешни работи Куманово, Полициската станица Ресен, Полициското одделение Ростуше во Општина Маврово – Ростуше и Војничкиот клуб во Касарна Илинден за потребите на Специјалната антитерористичка единица – Тигар.