СОНК ги доведува во заблуда штрајкувачите, велат од Министерството за труд и социјална политика

пред 2 години

Министерството за труд и социјална политика, во врска со денешната прес конференција на СОНК, ја информира јавноста дека одлуката за организирање на генерален штрајк од страна на СОНК е донесена заради усогласување на Колективниот договор за јавните установи за деца во дејноста згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст и во дејноста одмор и рекреација на деца, со порастот на минималната плата, согласно член 8 од Закон за минимална плата.

„Во член 8 од Закон за минимална плата е уредено дека, колективните договори се усогласуваат во рок од шест месеци. Тоа што одлуката за организирање на штрајк е донесена пред истекот на рокот, значи дека не станува збор за прекршување на работнички права, туку за барање за унапредување на права од работен однос.

Колективниот договор за јавните установи за деца во дејноста згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст и во дејноста одмор и рекреација на деца, во член 72 уредува дека правото на штрајк работниците го остваруваат согласно закон. Во ставот 2 од истиот член се вели дека за време на штрајк работодавачот е должен да ум уплатува придонеси и даноци од плата, утврдени со посебните прописи, на минималната основица за плаќање на придонесите. Истото ова е регулирано и во член 240 од Законот за работни односи, а членот 241 дава можност организаторот на штрајкот од свои средства да им обезбеди надоместок на нето плата за време на штрајк на работниците кои учествувале во штрајкот.

Од ова на денешната прес конференција на СОНК, произлегува дека со цитирање на членови од Колективен договор кои не содејствуваат со реалната состојба, и кои се однесуваат на услови на штрајк кога се прекршени работнички права и кои не се однесуваат на детската заштита(градинките), СОНК ги става во заблуда штрајкувачите во градинките и образованието.

Од тие причини тоа не претставува ниту уцена ниту закана, туку едноставно почитување на законите во државата.

Со одлуката за продолжување на штрајкот СОНК повторно ги става личните интереси пред интересите на децата и учениците. Затворените градинки и училишта не носат ништо добро за учениците и децата, ниту за родителите кои не можат да ги згрижат своите деца во градинките.

Ги повикуваме СОНК уште еднаш да си ја преиспитаат одлуката и да го почитуваат правото на децата за пристап до образование, како и непречено одвивање на дејноста згрижување и воспитување на децата.

Владата, Министерството за труд и социјална политика и Министерството за образование и наука покажаа отвореност и подготвеност за решавање на ова прашање, преку конкретни предлози кои истовремено значат трајно и системско решавање на усогласувањето на платите во образованието и предучилишното воспитание и процент на зголемување на платите со ребаланс на буџетот, земајќи ја превид светската економска и енергетска криза. За разлика од СОНК кои не оставија простор за дијалог, напротив покажаа дека немаат слух за состојбата со кризата која е на глобално ниво, а од која не сме поштедени ниту ние како држава“, велат од МТСП.

Share
Scroll to Top