Спасовски: Исклучителни резултати во сообраќајната безбедност, борбата со трговијата со дрога и опремувањето на полицијата

пред 3 години

Ова раководство на МВР во изминатите 100 дена работеше на континуирана реализација на приоритетот за создавање на модерна, опремена, стручна, ефикасна, но и задоволна полиција, која на законит, стручен, транспарентен и одговорен начин ќе ја гарантира целосната лична и имотна сигурност на граѓаните, ќе продолжи одлучно и неселективно да се справува со организираниот криминал и корупцијата и успешно да работи на превенција од сите облици на тероризам и други противуставни дејствија“, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по повод сработеното во првите 100 дена од работењето на оваа Влада.

Спасовски потенцираше дека оваа Влада и раководството на МВР се исклучително свесни дека за етаблирање на полицијата како гарант за заштита на законитоста во интерес на сите наши граѓани, континуирано мора да се вложува во нова генерација на комплетно опремени и задоволни полициски службеници.

„Трендот на квалитативно подобрување на условите за работа останува приоритет на ова раководство на МВР и за тековната 2022 година, бидејќи секое вложување во полицијата значи задоволни полициски службеници, што за возврат претставува унапредување на севкупната безбедност на граѓаните. Така, во овие 100 дена се набавија нови 8.000 парчиња виндјакни за припадниците на полицијата, а кон крајот на првиот квартал беа испорачани вкупно 16.000 парчиња летни и зимски панталони и здолништа за припадниците на полицијата, со вредност од 31.008.559 денари со вклучен ДДВ, согласно планот за јавни набавки на униформи за 2021 година“, истакна министерот Спасовски.

Тој дополни дека испорачаните парчиња униформа во текот на изминатите 100 дена вклучуваат по 6.452 машки зимски и летни панталони, по 758 женски зимски и летни панталони и по 790 зимски и летни здолништа, како и 10.000 парчиња кожни ремени за полицијата.

Во контекст на постојано унапредување на материјално-техничките услови за работа на полицијата, министерот истакна дека во овие 100 дена склучен е договор за набавка на соларни панели за 15 локации низ државата во износ од 30 милиони денари со вклучен ДДВ, како и промовирањето на трите реконструирани објекти – ОВР Прилеп, ЕВР Карпош, зградата на Шестата управа и ОВР Радовиш, како продолжение на низата од вкупно 73 досега реновирани објекти од страна на актуелното раководство на МВР.

„Во периодот од 100-те дена во областа на недозволената трговија со дрога се постигнати забележителни резултати, при што реализирани се повеќе случаи на заплена на наркотична дрога, сузбиени се осум организирани криминални групи составени од 33 лица (28 македонски државјани, четири косовски и еден албански државјанин), со кои се спречени четири меѓународни транспорти на марихуана, еден меѓународен транспорт на прекурсори, спречени се улични дилерства на кокаин во Тетово и на кокаин и марихуана на подрачјето на Кавадарци и Неготино, а откриена е и група која инсталирала нелегална лабораторија за производство на синтетички дроги во Р.Бугарија“, издвои дел од резултатите министерот Спасовски во борбата со недозволената трговија со дрога.

Спасовски додаде дека со цел сузбивање на улично дилерство на наркотични и синтетички дроги и недозволена трговија со огнено оружје, врз основа на изготвен план кон крајот на март извршени се претреси на вкупно 40 локации на кои беа пронајдени и одземени поголема количина марихуана (околу три килограми), хероин, амфетамин и др., а беше пронајдена и импровизирана лабораторија за производство на канабис на подрачјето на ОВР Гевгелија, при што во текот на акцијата беа приведени над 20 лица.

Во делот на сообраќајната безбедност, ако минатата 2021 година заврши како година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години – 116, при што најголемо намалување на сообраќајните незгоди според местото на случување е забележано на подрачјето на СВР Скопје, како подрачје со голема фреквенција на возила и учесници во сообраќот, податоците од првото тримесечие во 2022 година, односно од првите 100 дена на оваа Влада, покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на намалување на бројот на жртви во сообраќајните несреќи.

„Во првите три месеци од 2022 година има 18 жртви, што е за 10 помалку споредено со истиот период лани, кога имало 28. Само во месец март 2022 година имаме четири жртви, а во март 2021 имало 16 – значи бројката е дури четири пати помала во март 2022. Резултат на зајакнатите контроли се регистрираните 54 илјади прекршоци во овие 100 дена , во најголем дел за брзо возење – 22 илјади прекршоци“, потсети министерот Спасовски.

Тој порача дека актуелното раководство на МВР продолжува со имплементација на стратешки поставените приоритети за опремена и мотивирана полиција во служба на граѓаните, безбедни сообраќајници за помалку жртви во сообраќајот, сузбивање на криминалот со дрога за безбедни генерации и законски реформи за поголема ефикасност на полицијата.

Share
Scroll to Top