Директорот на Дирекцијата за технолошко индустриските развојни зони, Јован Деспотовски и Амбасадорот на Јапонија во С. Македонија Хиронори Савада остварија средба на која се разговараше за нови иницијативи за поттикнување на инвестиции од Јапонија, но и за развој на човечкиот капитал во земјата.
„Во овие процеси, иницирани од Дирекцијата за ТИРЗ, веќе се вклучени неколку меѓународни партнери, а интерес за повеќе детали и идна соработка изрази и Јапонија. За таа цел договорено е продолжување на контактите и поврзување на Дирекцијата за ТИРЗ со соодветни владини тела од Јапонија“, велат од оваа институција.
Како што беше истакнато, економската активност во ТИРЗ веќе достигнува 47% од вкупниот извоз во националната економија, со тенденција за натамошен пораст.
Последните податоци за февруари 2021 говорат за раст на извозот од зоните во однос на истиот месец во 2020 година, со стабилен број на вработени.
Дополнително, Деспотовски информираше дека само за последните три месеци во Дирекцијата за ТИРЗ се најавени или пристигнати писма за намери од повеќе постојни и нови инвеститори, со вкупен износ на нови инвестиции помеѓу 80 – 100 милиони евра.
Амбасадорот Сабада информираше дека Владата на Јапонија има донесено одлука за проширување на економското присуство на Балканот. Како дел од новата стратегија на јапонската надворешна политика за следниот неколкугодишен период е активно јакнење на присуството на јапонски компании во регионот на Западен Балкан. Истото, претставува голема можност и за Северна Македонија, за што е договорено контактите и соработката да продолжат и натаму.