Стопанската комора ќе се откаже од иницијативата пред Уставниот суд во врска со недела неработен ден

пред 2 години

Премиерот Димитар Ковачевски со својот економски тим оствари средба со претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, членовите на Управниот одбор и најистакнатите стопанственици во државата, на која била истакната важноста од континуирана соработка, партнерски однос со деловната заедница сè со цел постигнување повисоки стапки на економски раст и решавање на предизвиците од енергетската криза и пандемијата.

Како што информираат од владината прес-служба, премиерот Ковачевски и претседателот на Стопанската комора се согласиле дека на 18 февруари Комората ќе ја повлече иницијативата пред Уставниот суд во врска со законското решение за недела неработен ден и дека во периодот што претстои ќе се најдат сеопфатни решенија за предизвиците околу спроведувањето на законот.

Ковачевски на средбата со деловната заедница истакнал дека фокусот на економијата е приоритет и се осврнал на досегашната соработка и важноста од инклузивен процес.

„Целта на денешната посета практично е продолжување на соработката и затоа состанокот веднаш го правиме во првата недела од изгласувањето на новата Влада и сакам да ве уверам дека ваков тип на средби ќе продолжат без разлика дали тие ќе се случуваат тука или ќе се случуваат во кабинетот на Владата, ние остануваме поддржувач на приватниот сектор, тоа е курс кој го имаше оваа Влада уште од нејзиното формирање“, посочил Ковачевски.

На работната средба било посочено дека се работи на Законско заокружување за стимулирање различни форми на вложување во енергетиката, како и за мониторирање на процесите на инвестициите и на ефикасноста на реализацијата, а станало збор и за потребата од синхронизирање на процесите на дигитализација во владините институции со цел координирање на процесот.

Share
Scroll to Top