Стојаноска: Со 33 милиони евра за „Макпетрол“, Заев сака да добие доминација на „Телма“

пред 3 години

Заев знае дека прави криминал со поклонувањето на 33 милиони евра на Макпетрол, и затоа ги тера пратениците да гласаат закон, истакна Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ, откако утрово по повеќе од дваесет часа, Собранието ја прекина расправата по Предлог законот за решавање на спорот помеѓу Владата и Макпетрол АД Скопје.

Стојаноска истакна дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, засега, го спречиле или оневозможиле СДСМ да му подари 33 милиони евра на Макпетрол, за преку тоа Заев да добие доминација на Телма.

„Заев со народни пари сака да си купи медиумски простор, но и да го наполни џебот на еден олигарх. Власта сака на мала врата, без доволно информации и консултации со јавноста, да изгласа закон со кој ќе му се признае на Макпетрол сопственост од 50 проценти во гасоводот во Македонија и истиот да му се плати по енормно висока цена од 33 милиони евра, иако самата власт вели дека вредноста на влогот на Макпетрол е 18.8 милиони евра. Се поставува прашањето: Зошто Владата на Макпетрол сака да му плати екстра 14.2 милиони евра?“, рече Стојаноска.

Таа додаде дека државниот правобранител не сакал да даде дозвола на премиерот Заев да го потпише договорот, зашто истиот е криминален. Вели дека Заев знае оти тоа што го прави е нелегално и дека за тоа ќе има одговорност, па затоа ги тера пратениците со закон да му го легализираат криминалот.

Никаде во светот и во правната наука, вели Стојаноска, не е видено спор да се решава со закон. Тоа е работа на судовите и медијаторите.

„Заобиколувањето на судските инстанци и вмешувањето на Собранието е доказ дека Заев е свесен за криминалот што го прави, но не му е гајле ниту за народот, ниту за народните пари. Важен му е само неговиот интерес. Заев го решава случајот преку Собрание, со закон, затоа што така мисли дека ќе се заштити од подоцнежна одговорност. Тоа што седницата траеше до 8 часот изутрина говори колку власта прави криминал. И тоа, за криминал ги користи институциите“, рече Стојаноска.

Според неа, наместо Собранието да расправа зошто нема вакцини, зошто бизниси се затвораат, зошто луѓе остануваат без работа, за загадениот воздух, Собранието расправа за законот на Заев со кој подарува 33 милиони евра. Таа нагласи и дека СДСМ ќе се обидат повторно да помине овој закон, но ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе биде тука и ќе се спротивстави на расфрлањето со народни пари.

Share
Scroll to Top