Трипуновски: Ако СДСМ остане глува, ВМРО-ДПМНЕ по доаѓање на власт ќе ги исплати сите субвенции и ќе ја укине зелената такса

пред 3 години

Ако СДСМ остане глува на барањата на земјоделците ВМРО-ДПМНЕ по доаѓање на власт ќе ги исплати сите субвенции, ќе ја укине зелената такса и ќе ги ревидира штетните закони, изјави на прес-конференција, Цветан Трипуновски.

Тој оцени дека врие во земјоделскиот сектор бидејќи власта четири години не направила ништо за да ги подобри условите за работа на земјоделците. Четири години, вели Трипуновски, земјоделецот не може да го продаде произведеното, затоа што нема откуп, а луѓето едвај преживуваат.

„Не само што не се исплатени субвенциите за минатата 2020-та година, за кои краен рок за исплата беше 30 јуни оваа година, туку доцнат и субвенциите за 2017, 2018 и 2019 година. Владата има натрупани обврски кон земјоделците, затоа што изминативе години парите од буџетот имаа други приоритети. Со новите даноци кои оваа власт ги воведе најсилно се погодени земјоделците во Република Македонија. Само заради Зоран Заев при секое точење гориво земјоделецот плаќа 10 денари повеќе отколку претходно, а со новата зелена такса тоа ќе бидат 14 денари. Овие 10 денари по литар гориво за земјоделецот се преголеми пари, и токму во тие пари се нивниот одземен профит, нивната живеачка. И кога им одзема се, Заев сега сака да им ја земе и земјата. Со новиот закон за продажба на земјоделско земјиште, Заев ќе ја земе земјата од рацете на индивидуалните земјоделци и ќе ја даде во рацете на грст моќници. Заев со овој закон сака да поаргати повеќе од 100.000 граѓани ширум Република Македонија“, рече Трипуновски.

Според опозициската партија ситуацијата е очајна, а главниот виновник за тоа е Зоран Заев. Трипуновски рече дека ВМРО-ДПМНЕ сочувствува со земјоделците, и ги поддржува нивните барања за исплата на заостанати субвенции и мерки, повлекување на законот за зелена такса, повлекување на законот за продажба на земјоделското земјиште и воведување на заштитни цени за сите земјоделски производи.

Share
Scroll to Top