Хоџа: Успешно завршен проектот „Поддршка за развој на земјоделски задруги“

пред 3 години

Mинистерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, присуствуваше на завршен настан по повод затворање на проектот „Поддршка за развој на земјоделски задруги“. Завршниот настан се реализираше во присуство на претставници од релевантни национални и меѓународни организации, институции, ѓраѓански организации, задруги, земјоделци и групи на земјоделци.

Проектот „Поддршка за развој на земјоделски задруги“ е од исклучителна важност за развој на задругарството во Република Северна Македонија. Финансиски е поддржан од Европската Унија, имплементиран од страна на „CARE International“ и Македонската развојна фондација за претпријатија. Краен корисник е МЗШВ и сите земјоделци, информираат од министерството.

На настанот поздравни обраќања имаа министерот Арјанит Хоџа, Константинос Супилас – Програмски менаџер на Делегацијата на ЕУ, Сумка Бучан – Регионална директорка на „CARE“, Лазар Неданоски – Извршен директор на МРФП и Сузана Димитриевска – Претседателка на Македонската асоцијација на земјоделски задруги.

„Во изминатиот период министерството направи сериозен исчекор во развојот и поддршката на задругарството. Земјоделците ја препознаа поддршката од државата и реалниот бенефит кој го имаат од членството во задруги. Тие имаат можност да купуваат државно земјоделско земјиште, поволности при бодувањето за финансиска поддршка и можности за субвенционирана набавка на опрема и механизација која ќе им го олесни производството и ќе придонесе за поголеми резулати во нивното работење. Исто така, достапни се европските фондови, наскоро ќе стартува и ИПАРД 3 програмата, со што се отвораат нови можности и нови средства на располагање“ изјави Хоџа.

Тој се заблагодари на поддршката која континуирано ја добиваме од Делегацијата на Европската Унија, како и на сите учесници во проектот.

Константинос Супилас – Програмски менаџер на Делегацијата на ЕУ, изјави дека е многу задоволен што денеска одбележуваме завршување на уште еден проект, реализиран со поддршка од Европската Унија. Тој се заблагодари на сите учесници кои беа директно вклучени во процесот и кои заеднички ги постигнаа проектираните цели на проектот.

Вкупниот износ на проектот е 1,98 милиони евра и има за цел да се зголеми конкурентноста на пазарот и соработката меѓу земјоделците во земјата, преку создавање поволни услови за развој на постојните и создавање нови земјоделски задруги.

Share
Scroll to Top