Царовска: Имаме нова концепција за основно образование, нови програми и современи материјали за учење

пред 3 години

Големо е задоволството што после година и половина, денес повторно гледаме полни училишта и училници со ученици и наставници, ја гледаме вообичаената слика на која бевме навикнати пред појавата на пандемијата. Ја започнуваме новата учебна 2021-2022 година со физичко присуство и на самиот почеток на сите ученици им посакувам многу здравје, многу нови знаења, достигнувања и успешно заокружување на уште една етапа од животниот пат. Важна е вербата во себе, а поддршката од семејствата и секако од наставниците е неизбежна, така што се надевам дека секој ученик ќе ги оствари очекувањата, поставените цели и резултатите од учењето. Ова го изјави министерката за образование и наука Мила Царовска која денеска заедно со градоначалникот на Велес Аце Коцевски и претставничката на УНИЦЕФ Патриција Ди Џовани, по повод започнувањето на учебната година го посетија основното училиште „Панко Брашнарав“.

„Имаме нова Концепција за основно образование, нови наставни програми и современи материјали за учење, печатени за прво и дигитални за четврто одделение, како и изработени на Брајово писмо и во аудио формат за ученици со проблеми со видот и сите тие учебници за прв пат се доставени навремено во училиштата, пред 1 септември“, рече Царовска.

Министерката посочи дека со воведувањето на промените во начинот на реализирање на часовите и наставата, имаме и добро опремени училишта со нагледни средства, со интерактивни табли, таблет компјутери за учениците од социјално ранливите семејства.

„Сé што воведуваме како новина, ќе овозможи да училиштата постепено станат поинтересни места за учениците, каде тие ќе сакаат да престојуваат и каде на еден многу полесен начин ќе ги совладуваат знаењата соодветни на нивната возраст, развивајќи се во личности кои ќе бидат подобро подготвени од генерациите пред нив, што впрочем е и цел на реформите каде што клучна алка всушност ќе бидат наставниците“, рече Царовска.

Претставничката на УНИЦЕФ, Ди Џовани ја поздрави владината одлука, наставата да започне со физичко присуство и посочи дека училиштата се тие што први треба да се отворат и последни да се затворат, бидејќи само учењето во училница ги дава најдобрите резултати.

„Првиот училиштен ден е возбудлив ден за учениците. Возбудата се должи на отпочнувањето нова фаза во нивните животи, фаза во која откриваат нови знаења и вештини, но и сопствените бескрајни можности. Оваа година, првиот училиштен ден за децата и младите во Северна Македонија е веројатно најважен бидејќи за повеќето од нив тоа ќе биде можност за првпат да седнат во школските клупи со своите врсници и лице в лице со наставниците после 54 седмици поминати учејќи пред дигиталните екрани. Тоа е многу подолг период од просекот на другите земји во Европа и Централна Азија којшто изнесува 25 седмици“, рече Ди Џовани и додаде дека училиштето не е само зграда, туку тоа е место за учење, место во кое децата стекнуваат независност, се прилагодуваат на нова рутина и развиваат значајни релации со наставниците и учениците.

Градоначалникот на Велес истакна дека, основните и средните училишта во Велес успешно ја започнаа наставата со физичко присуство и се подготвени за сите модели на настава и имплементација на реформските процеси.

Share
Scroll to Top