Шахпаска: Родова еднаквост е еднакво вреднување за вложениот труд и еднакво учество на жените во сите сфери

пред 4 години

На тема „Последиците од кризите никогаш не се родово неутрални – како женското лидерство влијае за остварување родова еднаквост за време на Ковид-19?“, денеска зборуваше министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска како дел од учесниците на 12 издание на Вечери на женски права во организација на Институт за човекови права.

„Кругот на жени се проширува, бројот на жени кои што се подготвени да го кренат својот глас и да испорачаат правда во општеството и во родовата еднаквост секој ден станува се поголем и поголем“, истакна министерката Шахпаска. Притоа се осврна на веќе донесените закони како Законот за прекин на бременоста, Законот за спречување и заштита од дискриминација, Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, последните донесени со силна поддршка и од опозицијата и власта.

Министерката Шахпаска информираше дека Министерството за труд и социјална политика има подготвено драфт верзија на Закон за родова еднаквост која ќе биде испратена до Советот на Европа, Венецијанската комисија,ОБСЕ и делегацијата на Европската Комисија во нашата земја за првични коментари, а конечната верзија ќе биде испратена до јавноста за широка дебата.

„Родовата еднаквост претставува еднаква видливост,еднакво вреднување за вложениот труд на жените кога имаат исти професионални квалификации и капацитет со мажите за истите работни места. Законот за родова еднаквост треба да испорача еднакво учество на жените во сите сфери на општествениот живот и рамноправно учество во семејството, креираањето на политикии особено родово одговорно буџетирање“, потенцираше Шахпаска.

Таа додаде дека останува и Законот за мобинг, на кој работната група работи. Со тоа, додаде таа, се заокружува законската регулатива на прашањата кои се однесуваат пред се на жените.

Шахпаска ја посочи храброста и свесноста на жените и нивната подготвеност да одговорат на предизвиците кои ги донесе пандемијата.

„74 отсто здравствени работници, жени беа на фронтот со КОВИД 19, но и исто така и текстилните работнички и жените кои работат во трговијата. Сите тие свесни и одговорни за ризикот од пандемијата на кој се изложуваат, но храбри да се соочат и да се носат со неа“, истакна Шахпаска.

Таа порача дека борбата за родова еднаквост, за еднаква плата за еднакво вложен труд, за рамноправно учество на жените во општеството е високо на агендата на Министерството за труд и социјална политика и е нешто на кое интезивно ќе се работи периодот што доаѓа.​

Share
Scroll to Top