50.000 дрвја во Велешко, за две години 90.000 со акцијата за пошумување „Сончева гора“

50.000 дрвја во Велешко, за две години 90.000 со акцијата за пошумување „Сончева гора“

пред 5 месеци

Во близина на езерото Младост, северно од Велес беа пошумени 23 хектари или 50.000 дрвја на државно земјиште. Над стотина волонтери од Скопје и Велес учествуваа во акцијата за пошумување „СОНЧЕВА ГОРА“, истакнувајќи ја важноста дека со колeктивен влог можеме да обезбедиме зелена иднина за нас и за следните генерации.

Десетгодишниот проект за обнова на животната средина „ЗЕЛЕНА СОНЧЕВА“ е во организација на „Мен енд Маунтен“ и се реализира под покровителство со Пивара Скопје и Пакомак и официјалните партнери Шпаркасе банка, Нула Отпад, поддржан од Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Национални шуми. Проектот се состои од два дела: годишната пролетна акција за чистење и селектирање отпад „ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД“ и акцијата за пошумување на државно земјиште „СОНЧЕВА ГОРА“, што се одвива наесен и ја утврдува Министерството за земјоделство во рамките на годишната програма за пошумување. За секои 10 килограми собран отпад, министерството посветува по едно дрво.

Волонтери од Пивара Скопје и Пакомак дојдоа на терен и ја подржаа акцијата со садење дрва.

„Ваквите акции се исклучително важни за нашата компанија и ни помагаат во поврзувањето на двете најважни стратешки иницијативи – „Свет без отпад“ и намалување на CO2. Во оваа прилика би сакала да ги повикам сите наши партнери во поддршка на ваквите платформи, бидејќи најважната вредност што сите ја делиме е желбата за создавање подобар свет за идните генерации“, истакна Снежана Савиќ Димовска, директор за корпоративни работи и одржливост на Пивара Скопје.

Проектот ЗЕЛЕНА СОНЧЕВА започна во 2021 и ќе биде заокружен во 2031 година, за кој Мен енд Маунтен потпишаа меморандум со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и ЈП Национални Шуми.

„За само три години, засадени се 90.000 дрвја и собран е отпад од 615.000 килограми, а досега учествуваа над 25.500 регистрирани волонтери, од кои 10.000 беа деца – нашите „Сончеви пионери““, истакнаа од Мен енд Маунтен.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски потенцираше дека со збогатувањето на шумскиот фонд во земјава обезбедуваме поздрава иднина за сите.

„Го чуваме и развиваме нашето најголемо природно богатство, а тоа се шумите. Си поставивме цел за пошумување на 1.200.000 садници, во 19 региони, на 36 локации низ земјава“.

Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова истакна дека ја радува фактот што од ден на ден се повеќе развиваме здрави навики кон животната средина.

„Ако пролетва собиравме и селектиравме отпад со масовно вклучување на многу партнери од државните институции, локалните самоуправи, бизнис заедницата и младите, сега покажуваме како со иновативен пристап, креативност и волја го рециклираме отпадот од минатото и градиме зелена иднина. „Да се извалкаме“ и да засадиме зелената иднина“, е нејзиното мото.

Текстот 50.000 дрвја во Велешко, за две години 90.000 со акцијата за пошумување „Сончева гора“ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top