Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денес учествуваше на Форумот за односите меѓу Европската унија и Балканот, во организација на АЛДЕ – Алијансата на либерали и демократи за Европа, Атланскиот совет на Бугарија и Европскиот либерален форум и кофинансиран од Европскиот парламент, а на кој учествуваат политичари, високи официјални претставници од ЕУ и од регионот и експерти.
Министерот Османи имаше обраќање на панелот под наслов „Придобивки од интеграцијата“, на кој, модерирани од поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Фередика Могерини, настапија и министерките за надворешни работи од Албанија и Косово, замениците министри за надворешни работи на Босна и Херцеговина и Турција и еврокомесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји.
Во своето излагање, министерот Османи се осврна на актуелниот геополитички моментум во Европа и неговиот ефект со пошироки последици за Балканот од аспект на безбедноста, стабилноста и економската состојба, но и во светло на евроинтегративните процеси на државите од регионот.
„Во седмиците што следат, одлуките донесени на ниво на ЕУ ќе бидат од суштинско значење за иднината на Западен Балкан и неговата ЕУ перспектива. Секое натамошното одложување на овој пат може да има сериозни регионални последици“, потенцира министерот Османи.
Порачувајќи дека евроинтеграцијата значи подобро справување со заедничките предизвици и уште поважно запечатување на припадноста во семејството на слободниот, демократски и прогресивен свет, министерот Османи истакна: „Придобивките од интеграцијата во ЕУ се повеќекратни и ние ги живееме речиси 20 години, но тие треба да продолжат, да се негуваат и да се доведат на повисоко ниво – почеток на пристапните преговори, што следствено ќе има поголем трансформативен и мобилизациски ефект“.