Оливер Спасовски со денови се повеќе се плетка во скандалот со заташкувањето на убиството на ракометарот Денис Тот, oбвини денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Тој на прес-конференцијата презентираше, како што кажа, хронологија која го потврдува тоа.
„Според информациите кои што ги има јавноста, претепувањето на ракометарот се случило во 3 часот на 7-ми април.
Според КАРИЛ и Ургентниот центар истиот ден, на 7-ми април, во раните утрински часови до МВР била пријавено ‘сомнително нешто’ кај пациент кој е примен кај нив.
Дополнително и медиумите вечерта на 7-ми април известуваат за претепувањето на млад ракометар.
Но и покрај сите овие наводи, МВР на 8-ми април преку официјален став до медиумите испратен околу 10 часот говори дека нема физичко насилство.
Внимавајте, МВР на Оливер Спасовски после 30 часови од настанот, после сите пријави од Клиника за сомнителни работи, после сите пишувања на медиумите, се дрзна да каже дека немало физички повреди кај загинатиот ракометар“, посочи портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Арсовски, факт е дека имало пријава, факт е дека имало индиции, факт е дека имало медиумски написи и за жал, како што кажа, факт е дека МВР ја замајувало јавноста, со обид да го прикријат настанот.
„Ваквото однесување на МВР, на Оливер Спасовски фрли дамка врз институцијата и на меѓународен план дека убиството било заташкувано, затоа говорат и медиумите од странство. Затоа одговорност мора да има и затоа Спасовски мора да си поднесе оставка веднаш“, истакна партискиот портпарол.