(Видео) Спасовски: Борбата против организираниот криминал е предизвик на 21-от век

пред 3 години

„Борбата против организираниот криминал е предизвик на 21-от век и неговото влијание се наметнува во сите сфери на општеството. Од тие причини, за успешно справување со овој феномен е неопходен сериозен пристап од страна на сите институции надлежни за спроведување на законот. Безбедносните закани со кои се соочува Република Северна Македонија се слични не само со заканите во земјите од Балканскиот регион, туку и со земјите од ЕУ и САД, што наложува и изнаоѓање на нови форми на соработка и дејствување на меѓународно ниво“, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето воведно обраќање на првиот Регионален состанок за градење стратегии за превенција и борба против организираниот криминал во земјите од Југоисточна Европа, што во организација на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал во нашата земја, се одржува денеска во Скопје.

Нагласувајќи го фактот дека во Република Северна Македонија постои цврста политичка волја и јавна свест за интензивна и континуирана борба против транснационалниот организиран криминал, министерот Спасовски посочи дека тоа е закана која може да предизвика сериозни безбедносни импликации, така што борбата за сузбивање на овој феномен претставува еден од главните приоритети.

„Организираниот криминал не познава граници, ниту визи, државјанства, етничка припадност, ниту пак постојат правила на делување. Затоа, само со воспоставување на правна рамка за остварување на меѓународната соработка помеѓу полициските служби и јавните обвинителства во земјите од Европа, може цврсто да се застане на патот на организираниот криминал“, нагласи Спасовски, кој во тој контекст ја потенцираше улогата и константната поддршка на Канцеларијата за дрога и криминал на Обединетите Нации во спроведувањето на Конвенцијата од Палермо како и соработката и посветеноста на оваа канцеларија кон зајакнувањето на стратешките рамки против организираниот криминал, преку регионални и национални активности, во четири целни региони, вклучувајќи го и регионот на Југоисточна Европа.

„Очекувам денешниов состанок на докажани, високопрофилирални и признаени професионалци, несомнено да развие плодна дискусија, но и да донесе опипливи, конкретни резултати во правец на утврдување, а потоа и натамошно унапредување на стратешките приоритети во борбата против организираниот криминал во нашиот регион. Воедно, на ова гледам како на убава можност, преку размена на искуства, да се споделат најдобрите практики во развојот на стратегиите“, рече министерот Спасовски, додавајќи дека клучниот бенефит од состанокот го гледа во иницирање на здружување на претставниците на релевантните институции, меѓународните и регионалните организации, граѓанското општество и приватниот сектор, како клучни општествени чинители за примена на сеопфатен и повеќеслоен стратешки пристап во насока на зајакнување на борбата против организираниот криминал.

Share
Scroll to Top