Гаши на средба со евроамбасадорот Гир: во фокусот процедурите за носење на законите во Собранието

Гаши на средба со евроамбасадорот Гир: во фокусот процедурите за носење на законите во Собранието

пред 8 месеци

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска оствари прва средба по изборот на функцијата со евроамбасадорот Дејвид Гир и со претставници на делегацијата на Европската Унија во земјата.

Честитајќи му го изборот на Гаши за претседател на Собранието, амбасадорот Гир изрази очекување дека новиот парламентарен состав ќе работи посветено во остварување на стратешката цел на земјата за полноправно членство во Европската Унија.

Гаши, од своја страна, се заблагодари за недвосмислената и континуирана поддршка на европските институции за процесот на проширување. Тој го поздрави планот за раст на Западен Балкан, кој, како што рече, треба дополнително да го поттикне регионот да се подготви за членството во ЕУ, особено преку спроведување реформи во делот на владеењето на правото, зајакнувањето на демократските институции, борбата против корупцијата, економскиот развој.

Соговорниците разговараа и за можностите за продолжување на дијалогот „Жан Моне“, кој го оценија како мошне ефикасен и целисходен во изминатиот период, при што Гаши посочи дека новиот собраниски состав веќе функционира врз основа на новиот Деловник.

Претседателот на Собранието исто така изрази задоволство за тоа што новата методологија на ЕУ за проширувањето предвидува засилена улога на парламентите во преговорите уверувајќи дека новиот парламентарен состав ќе се вложи целосно во овој процес.

Претседателот Гаши и евроамбасадорот Гир разменија мислења и за престојните избори за Европскиот парламент, како и за претстојниот избор на нова влада во земјата. Тие разговара и за процедурите за донесување на законите во Собранието, за зајакнувањето на надзорната функција на Собранието во однос на извршната власт, како и за понатамошното усогласување со законодавството на ЕУ.

Текстот Гаши на средба со евроамбасадорот Гир: во фокусот процедурите за носење на законите во Собранието е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top