Продлабочување на соработката и заеднички проекти, беа главни теми на средбата на градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски и амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Н.Е. Кејт Мари Брнз.
Градоначалникот Герасимовски на амбасадорката Брнз ѝ ги претстави своите програмски заложби и планови, меѓу кои и заложбите за чист, зелен и еколошки Центар и отворена и транспрентна општина.
„Сакам да ѝ се заблагодарам за посетата на амбасадорката Брнз. Навистина ми е чест да бидам домаќин на амбасадорката Брнз, која е дипломатска претставничка на најголемиот пријател и поддржувач на нашата држава на меѓународен план. Со амбасадорката разговаравме за актуелните теми, како на глобално, така и на локално ниво. Имав шанса на амбасадорката лично да ѝ ги претставам нашите проекти и планови со кои ќе го подобриме животот на граѓаните во Општина Центар“, изјави Герасимовски по средбата со Брнз.
Герасимовски изјави дека ова е чекор напред кон продлабочување и подобрување на соработката на Општина Центар со Амбасадата на САД во РСМ, особено во делот на екологијата и темите кои се од локален интерес за жителите на општината.
На состанокот, градоначалникот Герасимовски и амбасадорката Брнз разговараа и за политичките случувања во светот. Герасимовски во името на граѓаните на Општина Центар изрази силна поддршка до граѓаните на Украина, кои минуваат низ можеби најтешкиот период во нивните животи.
На крај, градоначалникот Герасимовски ѝ се заблагодари на Брнз за посетата и изјави дека се надева на уште поинтензивна и суштинска соработка на Општина Центар со амбасадата на САД во РСМ.