Данската Влада намени еден милион дози вакцини (по 250.000 дози) како донација за Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и за Северна Македонија.
Во моменталната епидемиолошка ситуација, данските здравствени власти ја вклучија вакцината на „Астра Зенека“ како изборна.
Бидејќи побарувачката за оваа вакцина е многу ограничена, данските власти одлучиле да ја поделат порачаната количина вакцини „Астра Зенека“ со земјите на кои им е потребна.
Донациите за земјите од Западен Балкан ќе содржат дози од вакцината на „Астра Зенека“, кои Данска ги порачала и ги платила, но кои сѐ уште не се испорачани. Моментално се работи на тоа донациите да се реализираат во наредните месеци.
„Драго ми е што можеме да излеземе во пресрет и да им помогнеме на нашите блиски партнери со ова апсолутно неопходно оружје против пандемијата, односно со вакцините. Западниот Балкан е дел од нашето непосредно соседство и имаме силен заеднички интерес да се држиме заедно и во пандемијата“, изјави министерот за надворешни работи на Данска, Јепе Кофод.
Покрај тоа, данската Влада ќе намени уште милион дози вакцина „Астра Зенека“ за меѓународниот механизам за дистрибуција на вакцини КОВАКС.