Градоначалникот нa Куманово, Максим Димитриевски, одржа прес-конференција на која информираше за состојбата со пожарите на територијата на оваа општина.
„Во последните 24 часа на територија на Куманово имаме регистрирано 9 пожари и интервенирано од страна на нашата територијална противпожарна единица, и тоа на отворен простор и шумски пожари – Тромеѓа, Четирце, Пуковско, Пезово, Бељаковце. Дополнително, и на локација Доброшане каде што е интервенирано при гасење на фабрика за преработка на дрво, локација Зубовце викенд-куќа и Мургаш каде всушност е и најсериозниот пожар во изминатите 24 часа, во кој беа опожарени поголем број на куќи, покуќнини, домаќинства. За среќа нема човечки жртви и немаме сериозни здравствени повреди, освен во еден случај кадешто дополнително од страна на надлежни медицински лица ќе се утврдат последиците“, потенцираше Димитриевски.
Кумановскиот градоначалник нагласи и дека противпожарната едицина во составот на општината делувала дополнително и на три други локации, односно во соседната општина Старо Нагоричане, на локација Малотино, каде, како што рече, над 36 часа се дава континуирана поддршка на противпожарните екипи кои работат на тој терен, како и дополнително на локација на село Ваксинце и село Матејче.
„Заклучокот на Општинскиот штаб за заштита и спасување е дополнителните сили коишто ги имаме на располагање од противпожарната единица од Куманово да се стават на помош на соседната општина Старо Нагоричане за справување со состојбата во Кокино, а воедно и силите на јавното претпријатие Чистота и зеленило коешто врши континуиран дотур на вода со свои цистерни, на овие локации дава директна помош на самите противпожарни екипи“, рече Димитривски.
Градоначалникот повика на смиреност и почитување на сите мерки и одлуки на Владата и централниот кризен штаб, затоа што, како што кажа, единствено со дисциплина може да се излезе и да се биде корисен на пожарникарите кои деноноќно работат за спречување на ваквите состојби.
Во однос на причината за настанатите пожари, тој истакна дека одговорноста треба да ја утврдат надлежните државни органи.
„Според укажувањата на дел од граѓаните сметаат дека можеби и електричната инсталација на одредени локации, т.е преносот на електрична енергија е една од причините за појава на пожар на локација селото Мургаш. Лично, утрово ги посетив овие опожарени локации. Во моментов, покрај тоа што комплетно територијата на село Мургаш е ставена под контрола, се работи активно и на локација во близина на село Бељаковце или локалитет Липец, кадешто директно имаме противпожарна екипа. Апелирам до месното население кое живее во село Бељаковце и на оваа територија да биде во приправност, бидејќи имаме одредени места кои може да се реактивираат. Потребна е и граѓанска асистенција на одредени локации доколку забележат навремено да пријават до надлежните органи, а и дополнително самите да се вклучат во локализирање на таквите пожари на отворено“, изјави Димитриевски.
Градоначалникот изрази задоволство за високата професионалност, одговорниот пристап и надчовечките напори за ангажманот на противпожарните екипи во последните 36 часа.
„Ги известувам граѓаните дека Општина Куманово има на располагање и свои резервни сили за гасење пожари на отворено кои се составени од вработени во јавните претпријатија Чистота и зеленило, и јавното претпријатие Водовод Куманово, и доколку е потребно истите, исто така ќе бидат дополнително ангажирани. Нашиот приоритет и законска обврска е да делуваме на територија на Општина Куманово, но во секој момент сме подготвени да дадеме испомош како што и даваме на останатите општини во нашиот регион и во нашата држава, дали по директно нивно барање или пак по барање на централниот штаб за управување со кризи“, информираше Димитриевски.