Кај Дебар запленета дрога вредна 70.000 евра

пред 3 години

Полициските сектори за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи од Гостивар и Дебар во текот на вчерашниот ден спровеле координирана акција, при што приведени биле четири лица и запленети околу 20 килограми марихуана, со вредност од околу 70.000 евра, како и три возила.

Како што информираат од МВР, припадници на дебарската полиција кај Бошков мост се обиделе да сопрат автомобил „голф“ со скопска регистрација поради сомнение дека во возилото има дрога, но возачот не застанал и се дал во бегство, а по преземени мерки, во близина на Скудрински мост пронајдено било возилото, при што приведен бил А.И. (32) од село Никуштак. Во возилото пронајдени биле две големи торби со 20 пакувања марихуана.

Во координација со надлежен јавен обвинител, пак, на магистралниот пат Дебар-Гостивар сопрен бил автомобил „рено лагуна“ со германски регистерски ознаки, кој имал улога на „чистач“ при транспортот, при што уапсени биле возачот Б.Џ. (45) од Арачиново и Б.А. (34) од Арачиново, кој се барал и со потерница за претходно сторено кривично дело.

Денеска, пак, во врска со овој случај, во Дебар е лишен од слобода и У.Н. (28) од селото Бањишта.

Извршени биле и претреси и притоа се пронајдени поголема сума на пари, мобилни телефони и сим картички, а одземени се и три возила.

Надлежен обвинител наредил истрага против четворицата осомничени за сторено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги.

Ценејќи дека се исполнети условите за определување притвор, во текот на денот обвинителот до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд во Скопје ќе поднесе предлог за притвор против сите лица.​

Share
Scroll to Top