Ковачевски: Северна Македонија се позиционира како енергетска раскрсница во регионот

пред 3 години

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска присуствуваше на настанот по повод поставувањето камен темелник на 400 киловолтниот далекувод кој тргнува од трансформаторската станица „Битола2“ и ги поврзува електро преносните системи на Северна Македонија и на Албанија. Проектот, како проект од Коридорот 8, е со исклучителна регионална стратешка и капитална вредност.

„Со оваа инвестиција вредна 17,2 милиони евра се поврзуваме со Република Албанија како последна земја со која нашата држава не беше енергетски поврзана. На овој начин го заокружуваме процесот на поврзување со електропреносните системи на сите наши соседни земји, со кои веќе имаме пет интерконекции на 400 киловолтно напонско ниво – две врски со Грција и по една со Србија, Косово и Бугарија. Нашата држава има клучна улога во регионалното енергетско поврзување и оттука оваа инвестиција е од огромно значење како за нас, така и за целиот регион. Со овој проект, Северна Македонија се позиционира како балканска раскрсница за дистрибуција на електрична енергија“, истакна премиерот Ковачевски во обраќањето со кое го поздрави почетокот на работите на овој далновод, кој е дел од најголемиот капитален проект од 50 милиони евра во преносната енергетска мрежа за интерконекција на Северна Македонија со Албанија, кој меѓу другото, ја опфаќа и изградбата на трансформаторската станица во близина на Охрид која започна во август 2021 година, како и проширување на 400/110 киловолтна трансформаторска станица „Битола 2“.

Во сферата на целата електроенергетска верига исток-запад, нагласи премиерот Ковачевски, интерконективниот далекувод Битола-Елбасан е реализација на Коридорот 8 и претставува клучна алка во транзитот на електрична енергија од Бугарија, преку Северна Македонија, низ Албанија до Италија.

Ковачевски потенцираше дека проектот отвора широки економски потенцијали и од перспектива на иницијативата Отворен Балкан и дека со инвестирање во капитални проекти во електро енергетската мрежа, ги поврзуваме економиите на земјите од регионот со нов потенцијал за натамошен развој.

Генералниот директор на АД МЕПСО, Орхан Муртезани на настанот по повод поставување камен темелник на далекуводот од ТС „Битола 2” до македонско-албанската граница, истакна дека со оваа инвестиција се заокружува електроенергетското поврзување со сите наши соседи што ќе овозможи поголема сигурност и стабилност на нашиот електроенергетски систем и вклучување во сите регионални иницијативи за размена на енергија.

Заменик шефот на Делегацијата на ЕУ во нашата земја Џулијан Васало рече дека инвестирањето во проекти како овој е чекор напред кон енергетска трансформација и кон енергетската безбедност на земјата и регионот и дека е добар пример за поврзаност и прекугранична соработка. Васало додаде дека ЕУ останува посветена да се заврши иницијативата на ЕУ за коридор Исток-Запад за пренос на електрична енергија меѓу Северна Македонија, Албанија, Бугарија, Црна Гора и Италија.

Претставникот на Европската банка за обнова и развој во нашата земја Анди Аранитаси во своето обраќање нагласи дека интерконективниот надземен вод ќе има клучна улога во развојот на регионалниот пазар на електрична енергија и зголемувањето на капацитетот на обновливи извори на енергија, при што сончевата енергија и ветерот ќе бидат двата приоритетни обновливи извори што ќе се развиваат во Северна Македонија и Албанија на краток и среден рок, надоврзувајќи се на поддршката што ЕБОР им ја обезбеди на властите во двете земји за да започнат конкурентни тендери за обновливи извори на енергија.

Share
Scroll to Top