Tрадиционално, пред избори Скопје се претвора во огромна градежна парцела, каде што скопските градоначалници меѓусебно се натпреваруваат кој ќе раскопа повеќе улици во обид да ги убедат скопјани дека заслужуваат уште еден градоначалнички мандат, обвини „Левица“.
„ Пред некој ден, по кој знае кој пат, од страна на градоначалникот Петре Шилегов беше промовиран тазе реконструираниот кеј на Вардар, кој не така одамна, исто така беше реконструиран и промовиран и од поранешниот градоначалник Коце Трајановски.
Покрај чудната околност дека секој скопски градоначалник добива желба да го реконструира овој дел од кејот на Вардар, зачудува фактот дека на само десетина метри одалеченост од овој дел од кејот, на потегот ГТЦ -Веро Џамбо се наоѓа исто така дел од кејот кој, меѓутоа, е заборавен и целосно запуштен.
Иако се наоѓа во центарот на градот, на место на кое секојдневно има голема фрекфенција на пешаци и велосипедисти, овој дел од кејот е со скршени плочи, со смет и ѓубре и е опасен за движење. Сето ова покрај тоа што укажува на немање визија за потребите на Скопје и скопјани, укажува и на тоа дека очигледно мотото на градоначалникот Петре Шилегов е „не е важно што, важно е нешто да се работи”“ велат од партијата.
Оттаму додаваат дека средствата потрошени за реконструкција на старо-новиот кеј можеле да се искористат за реконструкција на оној дел од кејот којшто е навистина во очајна состојба.
„ Скопјани се сведоци дека до сега сите градоначалници, вклучувајќи го и Петре Шилегов традиционално засукуваат ракави пред избори започнувајќи ситни поправки на улици и ситни проекти, колку да се каже дека нешто се работи, дури и ако нема реална потреба од тоа, додека вистинските потреби на Градот се запоставуваат, а големи и битни проекти изостануваат“ се вели во соопштението.
Градоначалникот треба да работи во тек на целиот мандат, посочуваат од „Левица“, а не три години од мандатот да го троши за уживање во градоначалничките привилегии. Тековните работи кои се негова надлежност треба да умее да ги разбере како редовна обврска, а не како ад хок проекти за сликање пред избори, додаваат од партијата.
„ Време е да се стави крај на тоа! На Скопје му треба некој кој ќе работи за време на целиот мандат, некој кој нема да “крпи” улици колку да може предизборно да се слика, некој кој ќе го разбуди “заспаниот” градски шмек“ порачуваат од „Левица“.