Милевски: Со паметни еко зони до ублажување на климатските промени

пред 4 години

Нова иновативна еко зона е отворена преку проектот одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој.

Министерството за локална самоуправа поддржува проекти за ублажување на климатските промени во земјава во осум плански региони, информираше ресорниот министер Горан Милевски.

Целта на проектот, како што рече е создавање инспиративни јавни површини со еколошки иновации кои користат обновлива енергија и го прочистуваат воздухот, а со тоа ќе поттикнат и навики на еколошка одговорност кај граѓаните.

Проектот е со вкупен буџет од 3.360.600 денари од кои 2.160.000 денари се обезбедени преку министерство за локална управа и Швајцарската амбасада преку проектот Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој.

Милевски појасни дека овие иновативни еко-зони се наоѓаат на територија на три скопски општини, поточно првата е во рамки на Зоолошката градина која се наоѓа во општина Карпош, другата локација е дел од плоштадот „Јадран“ во општина Центар и детскиот Парк „Шопен“ во општина Кисела Вода.

На овие места се поставени смарт клупи кои имаат сензори за квалитет на воздух, се напојуваат од сончева енергија и имаат бесплатен бежичен интернет и се оплеменети со зеленило и заедно со кантите за селекција ја создаваат „Биди Зелен“ зоната.

Зоните како што информираат надлежните, се поставени на стратешки локации со можност да се едуцираат и најмладите за климатските промени, квалитетот на воздух, обновливи извори на енергија и рециклирањето на секундарни суровини. За промоција и едукација ќе се користи рециклирана садлива хартија која откако децата ќе прочитаат ќе ја засадат во саксија и ќе научат за циркуларната економија.

Share
Scroll to Top