Митрополитот на Повардарската епархија Агатангел со дообјаснување на социјалните мрежи, откако на верскиот празник Свети Трифун во Кавадарци упати порака до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да врати се што Македонија изгубила изминатиот период.
На официјалната страница на Повардарската епархија на фејсбук, митрополитот Агатангел вели дека негова должност е да се грижи и да го заштитува народот.
Пишува дека подолг период не реагирал на политичките случувања.
Во писмото тој вели: „Деновиве сме сведоци на една таква животна прилика, која успеa да разбуди многу од овие душевни чувства кај нашиот македонски народ. Некои ја толкуваа оваа ситуација полни со гнев, огорченост, омраза, други пак со поддршка, разбирање и сочувство.
Малку подолг период оставив простор без свои јавни реакции на актуелните политички случувања, имајќи надеж дека сепак македонскиот народ јасно ќе ги види замките во кои западна благодарејќи на однесувањето на оваа крајно однародена власт, која насилно и необјасниво протурка смена на името и отвори „добрососедски дебати“ со Бугарија за ревизија на нашата историја, со што го стави македонскиот народ во подредена позиција во однос на други и предизвика многу антидржавни чувства, а со тоа длабоко ги пречекори своите овластувања како извршна власт.
Како епископ на Македонската православна црква, секојдневно имам контакти со наши браќа и сестри кои имаат различни идеолошки и политички убедувања, и кои при нашите разговори неретко ја изразуваат својата загриженост и разочараност од потезите на оваа власт, која дефинитивно не го слуша пулсот на народот и неговите потреби, а најмалку ја гледа и ја чувствува неговата болка која несразмерно порасна изминативе неколку години.
Тој народ, македонскиот, е Црквата Македонска. Тој народ е душата на Црквата наша. Тој народ е народот за кои ние, како свештенослужители, ги принесуваме нашите молитви кон Севишниот Бог, народ за кој просиме благосостојба, здравје, среќа и напредок. Тој е оној ист народ, кој власта го запостави, му ги зголеми егзистенционалните маки, но згора на се, му ја допре и му ја повреди душата.
Мене ми е должност да се грижам за нашиот верен народ и да го заштитувам. Тој е сега ранлив и му треба утеха. Црквата е утеха. Црквата е закрила. Црквата е надеж.
И оние кои ме поддржаа овие денови, но и оние кои се изнафрлаа „дрва и камења“ по мене, длабоко во својата душа знаат дека не чинат работите. Дека нашата Македонија не оди во добар правец. Знаат сите, драги мои. И од ова повеќе нема бегање.
Прашање е само дали ќе развиеме доблести како народ да ја искористиме оваа крајно лоша ситуација во наша полза или дополнително ќе му дадеме простор на раздорот, неслогата и гневот и понатаму да го расекуваат и раскрвавуваат живото македонско ткиво.
Би се заблагодарил и би ги благословил сите Македонци во оваа прилика, онака како што правам секој ден во моите молитви. За мене секој еден од нас е Македонец, без разлика на се, и го љубам како роден брат. Тоа е моето силно чувство, кое никогаш нема да згасне“, пишува Митрополитот на Повардарската епархија Агатангел.