Објавен е јавниот повик за поддршка на угостителската дејност. Според предвиденото, ќе се поддржат околу 6 илјади компани и 17.000 вработени, а вкупната поддршка може да достигне 9,9 милиони евра. Ова беше истакнато во рамки на состанокот на Комисијата за јавно-приватен дијалог, на која претставниците на Владата дискутираа со претставници на четирите најголеми стопански комори во земјата, кои се и членки на Платформата за јавно-приватен дијалог.
Станува збор за финансиска поддршка на угостителите регистрирани со шифри на приоритетна дејност: 56.10, 56.29 и 56.30, кои беа затворени со одлука на Владата за целосна забрана за посетители – гости во сите угостителски објекти и други објекти кои во склоп на истиот даваат угостителски услуги.
Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, соопшти дека на тој начин Мерката 3 од шестиот пакет е операционализирана и на 6000 компании кои вработуваат околу 17 илјади лица, на располагање им се ставаат 9,9 милиони евра за поддршка, колку што се проектирани со мерката.
Тој нагласи дека аплицирањето за добивање на поддршка преку оваа мерка е многу едноставно и е направено така за да не се оптоваруваат компаниите со дополнителни административни обврски, а компаниите ќе може да аплицираат до 10-ти мај 2021 година.
„Сите компании кои се со приоритетни шифри на дејност 56.10, 56.29 и 56.30, без разлика дали вршеле промет со достава во периодот од 7-28 април 2021 година, ќе може да аплицираат за поддршка која ќе има две нивоа и притоа ќе може да добијат еднократна помош од 30% од просечен месечен приход за годините 2019 и 2020, помножен со соодносот на денови кога им било ограничено работењето, како и еднократна помош од 15.200 денари по вработен, пришто за пресек на вработени ќе се земе 6 април 2021 година. Овие компании дополнително може да ја искористат и поддршката за исплата на плати за месеците февруари и март, така да сметаме дека ова е праведен надоместок за компаниите од угостителскиот сектор чија дејност беше ограничена со одлуката на Владата“, нагласи Битиќи и посочи дека преку оваа мерка се стимулираат овие компании да го зголемат бројот на вработени до крајот на годината, затоа што на тој начин нема да имаат обврска да ги враќаат средствата добиени како поддршка, додека ако намалуваат вработени ќе треба да вратат 50% од добиената поддршка, односно ќе треба да вратат 20% од поддршката, ако бројот на вработени остане непроменет со пресек на 31.12.2021 година.
На денешната седница на Комисијата, освен вицепремиерот Фатмир Битиќи, учествуваа и министерот за финансии Фатмир Бесими, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, државната секретарка во Министерството за економија, Размена Чекиќ Дуровиќ, директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска и директорката на Централниот регистар Марија Бошковска Јанковски, додека коморите беа претставени од нивните претседатели: Бранко Азески (Стопанска комора на Македонија), Данела Арсовска (Сојуз на стопански комори), Неби Хоџа (Стопанска комора на Северозападна Македонија) и Анета Антова Пешева (МАСИТ).
На средбата зборуваше и министерот за финансии Фатмир Бесими кој го претстави планот за операционализација на другите мерки од шестиот пакет со особен фокус на трите нови кредитни линии кои ќе бидат воспоставени преку Развојната банка, насочени кон медиумите, компаниите кои ја реинвестирале добивката и Ковид 4 кредитната линија, кои ќе бидат во вкупна вредност од околу 13 милиони евра. Бесими зборуваше и за статусот за измени во Законот за царински тарифи, пришто истакна дека во периодот кој следи овој процес ќе добие на интензитет, пред се во насока на подигнување на конкурентноста на домашната економија.
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, ги информираше присутните за активностите поврзани со новиот Закон за работни односи, кажа дека нацрт законот е поставен на ЕНЕР, сите коментари ќе бидат внимателно разгледани, а дека Предлог законот повторно ќе се дискутира со сите социјални партнери, пред негово финално усвојување.
Државната секретарка во Министерството за економија, Размена Чекиќ Дуровиќ, посочи дека во напредна фаза е формирањето на Комитетот за туризам, коешто е барање од сите стопански комори и ќе треба на системски начин да креира политики и мерки за туризмот, како една од најпогодените гранки од пандемијата, за што сите членови на коморите изразија задоволство.
Директорката на УЈП, Сања Лукаревска соопшти дека сите активности поврзани со мерката за поддршка за исплата на плати се одвиваат непречено, за февруари се одобрени апликации од 11.541 компанија, кои вработуваат 31.294 лица, додека за март одобрени апликации имаат 11.274 компании со 27.887 лица, бројки кои покажуваат дека се намалува бројот на компании и бројот на вработени за кои се побарува поддршка.
Директорката на Централниот регистар, Марија Бошковска Јанковски ги извести присутните дека во Регистарот на вистински сопственици веќе се евидентирани околу 90% од регистрираните субјекти, додека најголемиот дел од оние кои не се регистрирани се субјекти кои подолг временски период немаат економска активност, ниту контакти или сметка во банка.
Состаноците на Комисијата за јавно-приватен дијалог се одвиваат редовно, најчесто еднаш во месецот во последната недела од месецот, а на нив се дискутираат сите прашања и барања на коморите, како и активности кои се важни за подобрување на бизнис климата и побрз и одржлив економски развој.