Османи на средби со Мас и Рот: Поддршката од Германија е неопходна за да ги надминеме разликите со Бугарија

пред 3 години

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска е во работна посета на Германија, при што оствари средби со својот домаќин, шефот на германската дипломатија, Хајко Мас, и германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот.

Како што информираат од МНР, во фокусот на разговорите меѓу Османи и Мас биле подготовките пред Самитот на ЕУ – Западен Балкан во Брдо кај Крањ, надминувањето на разликите со Бугарија, како и најновите внатрешнополитички состојби во нашата земја.

„Факт е дека Берлин е најсилен предводник за европската перспектива и на Северна Македонија, како и на целиот регион. Имаме важен самит пред нас и поддршката од партнерите како Германија е неопходна, прво и за да ги надминеме разликите со Бугарија за да се одблокира процесот, но и да го вратиме европскиот кредибилитет во регионот, спротивставувајќи се со тоа и на скептицизмот во ЕУ“, истакнал Османи на средбата.

Средбата со државниот министер за Европа, Рот била искористена да се реафирмира германската позиција за нашето европско досие, за актуелностите од регионален аспект, но и да се дискутира за следните чекори и реформи, потребни за деблокирање на проширувањето на ЕУ.

„Балканот, географски не е на европската периферија, а поради тоа не смее да биде ниту на периферијата на политичкото внимание. Нашата дипломатија е таргетирана и посветена на вложување во градењето добрососедски релации, регионална соработка и реализација на визијата за видлива и достижна европска иднина“, нагласил Османи.

Share
Scroll to Top