Претседателот Стево Пендаровски се обрати на пленарната сесија на Самитот за демократија кој се одржува виртуелно во организација на претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден.
Пендровски на самитот порача дека македонската демократија се изродила по половина век авторитарно владеење. По падот на комунизмот, рече Пендаровски, во исто време поминавме низ сложен процес на градење на држава и на демократија.
„За разлика од земјите од Централна и Источна Европа кои ги уживаа придобивките од европското обединување, Северна Македонија, и покрај тоа што успешно ја избегна граѓанската војна, беше дел од регионот во Европа каде што беа извршени најужасните воени злосторства по Втората светска војна. И покрај ваквото огромно регионално влијание врз македонското мулти-културно општество, успеавме да изградиме и да одржиме функционален модел на мултиетничка демократија. Стратешките цели за членство во НАТО и Европската Унија беа силен поттик дополнително да се зајакне довербата на граѓаните во демократскиот модел на управување. Сепак, во последната деценија, на сите континенти, дури и во утврдените демократии, посведочивме пораст на популизмот и авторитарните тенденции кои ја предизвикуваат демократијата и ја прават ранлива“, рече Пендаровски.
Македонскиот претседател порача дека не постои алтернатива и не треба да губиме ниту минута бидејќи ревитализацијата на демократијата е од суштинско значење за справување со овој предизвик без преседан во нашето време.
Рече дека ззаеднички треба да го браниме нашиот начин на живот од авторитарни држави и ентитети, на решителен и координиран начин. Понатаму, неопходно е двојно да ги зголемиме нашите напори во борбата против корупцијата и организираниот криминал бидејќи тие го нарушуваат владеењето на правото и довербата на јавноста во демократијата и, како такви, претставуваат закана за националната безбедност. Трето, како што подвлече Пендаровски, е да ги заштитиме човековите права и слободи преку градење на цврсти, одговорни институции, силно граѓанско општество и слободни медиуми.
„Демократијата ги има сите ингеренции да надвладее над авторитаризмот, а заедницата на демократските народи е должна да ја промовира и заштити. Алтернатива е враќање назад во историјата обележана со уништување и огромно страдање на милиони луѓе. Светот заслужува многу подобра иднина. Само во демократија можеме да бидеме сигурни за исходот“, заклучи македонскиот претседател.
На дводневниот самит учествуваат шефови на држави и влади, владини претставници, претставници на меѓународни и граѓански организации, како и од приватниот сектор.
Целите на Самитот се поттикнување на заложбите и иницијативите за јакнење на демократијата и одбрана од авторитаризам, борба против корупцијата и промовирање на почитувањето на човековите права, како и претставување на предизвиците со кои се соочува демократијата на глобално ниво и во земјите-учеснички, вклучително и во Соединетите Американски Држави.